Велибор Џаровски - Џаро и Милица Џаровска на Саемот на книгата/Фото: М.Т.

На актуелниот Саем на книгата во Скопје, големо внимание предизвика биографската книга „Џаро – живот на коцка“ , за познатиот балкански менаџер Велибор Џаровски, што ја напиша неговата ќерка Милица Џаровска.

Издавачката куќа „Три“ вчера во 18 часот, организираше потпишување на книгата, на својот штанд на саемот, и голем број посетители, пријатели на семејството, новираи, блиски луѓе на Џаро и на Милица дојдоа со желба да добијат потпис од авторката и секако од легендарниот Велибор Џаровски, чиј живот бил сѐ, само не здодевен и монотон. Токму тоа Милица и го забележува во книгата, но, според неа, воопшто не ѝ било лесно да ги напише сите овие страници.

– Кога почнав да пишувам си реков, нема да пишувам за татко ми, туку ќе пишувам како за еден од моите соговорници, најпрофесионално. Зашто не е пријатно како ќерка да ги забележуваш сите овие приказни што ги има овде, особено оние за местење натпревари и фестивали. На пример кога пишував за аферата „Сплит“ сакав да објавам некои непознати моменти, но не открив сѐ. Гледав да не се раскажани приказните и сакав да навлезам во некои детали што ги нема Џаро веќе раскажувано, да се задржам на детството, младоста, на деновите кога беше водител во „Скај радио“, кога имаше своја емисија – ни рече Милица Џаровска, позната новинарка, која ги следи случувањата на македонската естрада.

Таа додаде дека со Џаро нема договарање подолго од една минута и оти главно секогаш сѐ е по негово.

– Пишував едно лето во Охрид, а приказните ги снимав на телефонот на мајка ми. Иако татко ми секогаш е во право, не му дадов авторизација и книгата и ја прочита дури откако ја отпечатив. Тогаш ми рече дека е горд на мене – вели таа.

На Милиџа Џаровска и жал што не излегла српската верзија, напишана уште пред 6 години, која е многу слична, поточно речиси иста со македонската, а нејзиниот наслов бил „Најголемиот режисер на титоизмот“.

– Ветувањата за издавање на книгата во Србија не се исполнија, па решивме да ја изадеме тука, за издавачката куќа „Три“, со наслов „Џаро – живот на коцка“ и драго ми е што интересот за неа е голем – вели Милица.

Од своја страна Велибор Џаровски додаде дека иако не му дала да ја авторизира книгата Милица пренела речиси сѐ што рекол автентично.

– Јас го дадов насловот, односно имав две варијанти, сегашната и втората „Балкански дриблинг“, но се одлучивме за првиот избор. И не се сите мои приказни раскажани, има уште многу други, што ќе се најдат, се надевам, во втората книга – ни рече популарниот Џаро.

Тој во текот на својата кариера организирал над 5.000 концерти, промовирал безброј пејачи и фудбалери, а како што вели, лажирал и 135 натпревари… Но и покрај тоа многумина го нарекувале и „крал на југословенската естрадна и спортска сцена“.

Официјалната промоција на книгата ќе се случи на 29 мај. М.Т.

Фото: М.Т.