Кондензацијата и штетата која таа ја причинува на ѕидовите, мебелот и на сликите е директен резултат од живеењето во современи услови, водено од желбата за потопли и покомфорни простории.

Во голем број станови, особено во поткровјата, таваните и ѕидовите се добро изолирани, вратите и прозорците се добро и квалитетно вградени, а старите оџаци се затворени. Резултатот е потопли простории, но и со многу ограничена вентилација, па така водената пареа која се произведува во текот на вообичаените секојдневни животни активности нема можност да излезе од просторијата и со тоа само се поттикнува кондензацијата.

Што ја предизвикува кондензацијата?

Воздухот кој нè опкружува секогаш содржи одредено количество водена пареа која е невидлива, исто како што облакот од пареа од чајникот ќе го снема откако ќе биде апсорбиран од атмосферата. Колку е потопол воздухот, толку повеќе влага може да содржи, но доаѓаме до моментот кога на одредена температура воздухот не може да „прими“ повеќе влага и тогаш го нарекуваме „заситен“ воздух. Кога воздухот заситен со водена пареа ќе дојде во контакт со студени површини, тој се лади, и на одреден начин го отфрла вишокот вода кој го носи со себе, во вид на фино замаглување на ладната површина или дури и во вид на ситни капки вода.

Од каде доаѓа влагата во воздухот?

ДИШЕЊЕ: За 8 часа спиење, две возрасни лица преку дишењето произведуваат 0,64 литри вода.
ГРЕЕЊЕ: Секој потрошен литар гас за греење, може да произведе литар водена пареа. Грејачите на цврсти горива произведуваат 0,8 литри водена пареа по метар кубен гориво.
ГОТВЕЊЕ: На дневна основа со готвењето се произведува околу 3 литри водена пареа.
КАПЕЊЕ-ПЕРЕЊЕ АЛИШТА: Капењето и перењето алишта просечно произведува 1,5 литри вода, а ако алиштата се сушат внатре, станува збор за околу 5 литри вода на ден.
НОВИ ПРОСТОРИИ: Ако некоја просторија била неодамна реновирана или нова просторија била надградена, градежните материјали, како што се цигли, малтер, вар и слично, може да апсорбираат и до 7.000 литри вода во текот на работите, што подоцна се ослободува во просторијата.

Онаму каде што прозорците се со двослојно или трослојно стакло, проблемите со кондензацијата ќе бидат помали отколку кај еднослојното стакло во иста ситуација.
Во загреаната, добро изолирана просторија, внатрешната површина на стаклото ќе биде потопла и со тоа ќе се намали ризикот од кондензација. Меѓутоа, во добро изолирана просторија, стаклото и понатаму ќе биде најстудениот дел, па тука ќе настане кондензација. Не треба да се заборави дека двојното стакло е одличен изолатор, а не извор на топлина.

Така, во несоодветно греена просторија (која содржи количество на влага и водена пареа како и другиот дел од куќата), внатрешното стакло ќе биде со слична температура како и надворешното, што ќе создаде идеални услови за појава на кондензација.

Чекори за редукција на кондензацијата!

Обезбедете соодветна вентилација!
Собата да се проветрува на дневно ниво со користење на вентилациски преклоп. Отворете го прозорецот 5-10 минути секој ден, за да овозможите размена на воздухот.

Ограничете го создавањето на влага
Прилагодете ги механичките отстранувачи на влага покрај шпоретот и рерните. Не дозволувајте во текот на туширањето или капењето топлата вода непотребно да тече. Држете ја затворена вратата на бањата, а прозорецот во бањата отворете го 10-15 минути по бањањето. Обезбедете континуиран проток на топол воздух преку стаклото на прозорецот со позиционирање на радијаторите непосредно под прозорецот.