Фото: СДСМ

Во пресрет на посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков на Македонија, мандатарот за состав на новата македонска влада, Димитар Ковачевски, изјави дека очекува со Петков да изгради конкретен и пријателски однос, со меѓудржавнаа реторика на високо ниво. И тој, како и Петков, во интервју за МИА, вели дека очекува да бидат утврдат основите за натамошните разговори и нивно проширување надвор од строго историски рамки и термини.

– Тоа е предуслов да напредуваме. Јас сум подготвен да отвориме нова страница во односите со Бугарија и да изградиме искрено пријателство и подобра иднина за двете земји. Треба да се стиши гласот на омразата. Имаме реално повеќе сличности од разлики како држави и мора да се концентрираме на заедничкиот интерес. Само со ваков пристап ќе бидиме запаметени како лидери кои балканските конфликти ги надминале со европски пристап – вели Ковачевски во интервјуто за МИА.

Ковачевски нагласува дека во целиот процес не би отстапил од правото на самоопределување и посебниот идентитет и јазик, кои се неотуѓиво право на секој народ.

– Затоа во преговорите не можеме да правиме отстапки околу тоа дека сме Македонци од Република Северна Македонија кои зборуваат македонски јазик и имаат посебен идентитет. Тоа е отсликано и во Декларацијата, која ја усвои нашето Собрание со поддршка од сите партии – вели Ковачевски.

Македонија веќе подолг период е под бугарско вето на нејзините преговори за членство во ЕУ кое е условено со барањето Македонија да признае бугарски корени во својот национален идентитет и јазик, како и да ги внесе Бугарите во македонскиот Устав. Одговорот од Македонија е дека македонскиот национален идентитет и јазик се македонските црвени линии за кои ниту се преговарало, ниту ќе се преговара.