Подготовките за претстојното 31. издание на популарниот „Охрид фест – Охридски трубадури“ се во полн ек: годинава фестивалот ќе се случува на 30 и 31 август на добро познатата сцена на Долни Сарај.
„Охрид фест“ е значаен симбол на градот Охрид и еден од најпознатите музички фестивали што со текот на годините остави трага во нашата музичка индустрија, но е познат и надвор од границите. Изминатите три децении допре до над 200 милиони гледачи, се емитуваше во педесетина земји во Европа и низ светот, во фестивалската биографија е запишано дека на него настапија пејачи од 37 земји.
– И годинава „Охрид фест“ широко ги отвора вратите за сите охриѓани и за оние што во тој период ќе бидат во убавиот Охрид, бидејќи влезот е слободен.Што се однесува до ова издание, со целото искуство што го имам и со здружени сили на тимот со кој работиме со години, не очекува одличен фестивал, со многу добри песни, со настапи на нашите докажани имиња, гости од странство, со ѕвездите од регионот, но и со многу млади пејачи. Новината е што од годинава имаме соработката со Канал 5, на која искрено се радувам – информира Григор Копров, првиот човек на фестивалот.
Традиционално фестивалот ќе започне со Фолк вечер низ која ќе води шармантната Ирена Спировска и каде покрај докажаните Благоја Грујовски, Катерина Танева, Благица Павловска, Петар Нечовски, Милица Кузмановска, група „Биоритам“.., шанса за убав старт ќе имаат и новите музички надежи.
Интернационалната вечер е резервирана за поп музиката и за младите, но и за етаблирани имиња од Србија, Хрватска, Босна, Словенија, Бугарија…
Омилената водителска двојка Марјана Станојковска и Васил Зафирчев и годинава ќе не води низ оваа фестивалска вечер, на која ќе настапат: Јелена Томашевиќ, Дадо Топиќ, Гоца Тржан, Срѓан Марјановиќ, Брано Ликиќ, Тони Мишел, Принц од Врање…
„Охрид- фест“ ги поддржува младите, но е познат и како фестивал кој има долга меморија и ги почитува уметниците кои оставиле трага во музиката, не го заборава квалитетот на уметниците кои за адутот го имаат траењето. Во тој контекст, за безвременска песна е прогласена „Одисеја“ што маестрално ја пее Лео Мартин, композиција која го издржа тестот на времето од 1973 година.
Организаторите најавуваат уште изненадувања, а директниот пренос на „Охрид фест“, на 30 и 31 август, од 21 часот годинава ќе се случува на телевизија Канал 5.