Роверот „Персеверенсе“, кој беше испратен на Марс од американската вселенска агенција НАСА, пронајде докази за органски соединенија на Црвената Планета. Роверот најде докази во кратерот Језеро, но не треба да се избрзува со заклучоците бидејќи ниту тоа не гарантира дека некогаш постоел живот на Марс. Овие соединенија, исто така, можеле да бидат развиени на небиолошки начини. Меѓутоа, резултатите укажуваат на изненадувачки сложени органски услови за „клучните градежни елементи на животот“.
Роверот „Персеверенсе“ е првиот што го истражува кратерот Језеро, а тоа го прави од февруари 2021 година. Истражувачите веруваат дека некогаш во кратерот имало езеро, како и делта на реката што се влевала во него. Тоа е еден од најверојатните региони во кои може да има остатоци од знаци на живот на Марс.
Органските молекули како оние забележани во кратерот Језеро содржат јаглеродни атоми, а често и водород. Тие се клучни компоненти на животот каков што го знаеме на Земјата, но можат да се развијат и абиолошки.

– Тие се возбудлива трага за астробиолозите, бидејќи тие често се сметаат за градбени елементи на животот. Важно е да се знае дека тие исто така можат да бидат создадени од процеси што не се поврзани со животот каков што го знаеме, така што органските молекули не се доказ за живот сам по себе без дополнителни докази, кои не можат да се објаснат со небиолошки, односно биотски процеси – изјави за „Њузвик“ коавторот на истражувањето Џозеф Разел Холис од Природонаучниот музеј во Лондон.
Роверот ги прегледал соединенијата со помош на инструментот СХЕРЛОЦ, кој мапира органски молекули и минерали на карпестите површини. Поважно е дека тој нашол органски материјали на сите десет „цели“ што ги забележал на дното на кратерот.
– Нашите резултати ги поддржуваат набљудувањата на претходните роботски мисии на Марс, кои укажуваат дека Црвената Планета некогаш била богата со органски материјал, соединенија направени првенствено од јаглерод и водород, и дека дел од тој органски материјал сè уште може да се открие милијарди години подоцна. Секое откритие и набљудување ни дава малку повеќе информации, кои нè доближуваат до разбирање на историјата на Марс и дали оваа планета можела да поддржува живот во минатото – наведува Холис.
Сега кога истражувачите ги набљудуваа молекулите, ќе треба да ги разгледаат подетално во лабораториите за да извлечат дополнителни заклучоци за нивното потекло.
– Ако овие примероци се транспортираат во копнени лаборатории, во студијата може да се користат поразновидни алатки, вклучувајќи и поголема просторна резолуција со многу поголема специфичност и чувствителност – велат авторите на студијата.