Ова е еден од најпопуларните и најпосетувани летни филмски настани во светот со италијански и меѓународни проекции, на кој присуствуваат и најпознатите имиња од филмската сцена. Годинава меѓу нив ќе биде и годинашниот добитник на „оскар“ за најдобар актер, Брендан Фрејзер, кој ќе биде одликуван за „глобален актер на годината“

Долгометражниот документарен филм „Љубовната соба“ во режија на Сузана Диневски, кој е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм, „Сузи Кју продукција“ и „Авордфилм и видео“ е избран во официјалната селекција на глобалниот филмски и музички фестивал „Искија“, на истоимениот остров Искија во Италија што се одржува од 9 до 16 јули
Ова е еден од најпопуларните и најпосетувани летни филмски настани во светот со италијански и меѓународни проекции, на кој присуствуваат реномирани професионалци од филмската индустрија, како и некои од најпознатите имиња од глобалната филмска сцена. Со него свечено ќе претседаваат режисерот Џим Шеридан, продуцентот и активист Труди Стајлер и пејачот и текстописецот Тони Ренис, сите долгогодишни ветерани на фестивалот. Се очекува во текот на седумдневниот фестивал да има проекции на околу двесте филмски наслови, да се одржат голем број тематски панели и симпозиуми, како и мастеркласови. Годинашниот добитник на „оскар“ за најдобар актер, Брендан Фрејзер, ќе биде присутен на фестивалот, каде што ќе биде одликуван како глобален актер на годината. Како новина, оваа година, фестивалот во Искија во соработка со „Мај мувис“, најважната веб-страница за стриминг на филмови во Италија, со над 500.000 корисници дневно, ја воведува можноста за истовремени дигитални проекции на сите филмови симулирајќи ги кината. Оваа веб-платформа, која постои од 2010 година, од 2015 година е и официјална платформа за стриминг на филмови на Венецијанскиот филмски фестивал и Филмскиот фестивал во Локарно.
Документарниот филм,,Љубовната соба“ на Сузана Диневски раскажува две паралелни интимни љубовни приказни во кој главни протагонисти се две млади жени чии сопрузи се на отслужување затворска казна во КПД „Идризово“. Филмот го прикажува социјалниот портрет на двете семејства низ призма на интимниот свет од брачните посети во најозлогласениот затвор во Македонија и ефектите што тој ги има врз семејството и нивното непосредно опкружување.
Извршен продуцент е Владимир Стојчевски, директор на фотографија е Фејми Даут, а монтажата е на Горан Вуќиќ. Музиката е на Дуке Бојаџиев, менаџер на филм е Горан Стојилковиќ, постерот на филмот е изработен од Коста Лазаревски и тонски дизајнер е Игор Поповски.
,,Љубовната соба“ имаше светска премиера на Филмскиот фестивал во Феникс, Аризона, во категоријата на светски долгометражни филмови и европска премиера на „Заглеб докс“, во Загреб, Хрватска, во регионална конкуренција. Беше прикажан во Њујорк, во официјална селекција на филмскиот фестивал „Биг епл филм фестивал“ во познатото кино „Синема вилиџ“, кое е едно од најстарите независни кина во уметничкиот дел на Њујорк, познат како Гринич Вилиџ, каде што „Љубовната соба“ беше номиниран за награда.
Најавено е учество на меѓународниот документарен фестивал „Пелопонисос“ во Каламата, Грција. С.Ј.