Холивудската ѕвезда Леонардо ди Каприо финансира програма за стипендија и климатско образование во основно училиште со седиште во УКЛА, каде што и самиот бил поранешен ученик, пренесува „Дејли меил“.
Фондот за стипендии на Леонардо ди Каприо и Програмата за едукација за климатска правда треба да започнат во претстојната учебна година во Лабораториското училиште на Универзитетот во Калифорнија во Лос Анџелес (УКЛА). Училиштето има цел да обезбеди иновативни образовни техники за своите ученици, чија возраст се движи од четири до 12 години.
– Имав доволно среќа да присуствувам на Лабораториското училиште благодарение на дарежливите донации на УКЛА и тоа искуство длабоко го промени мојот светоглед – рече Ди Каприо.
Тој нагласи колку е горд што има можност да го сподели своето искуство со оние што инаку би ја пропуштиле оваа можност.
– Исто така, сакам да помогнам да се создаде програма што ќе помогне да се води следната генерација климатски воини – рече Ди Каприо.
Фондот за стипендии на Ди Каприо ќе им помогне на студентите на кои им е потребна финансиска помош, каква што добивал тој како дете кога одел на училиште во 1980-тите години. На овој начин ќе му помогне на училиштето да ја одржи својата различност, бидејќи на околу 40 проценти од неговите ученици им е потребна финансиска помош.
– Овој фонд за стипендии ќе им овозможи на многу деца пристап до лабораториското училиште, исто како што некогаш имаше Лео – рече професорот по здравствени науки во УКЛА, Ерик Есрејлијан, кој е долгогодишен пријател на Ди Каприо.
Новата и посебна програма за климатско образование ќе има цел да ги едуцира учениците од предучилишна возраст до шесто одделение за науката за климатските промени, како и за политиката и лидерството потребни за нивно решавање.