фото: Фејсбук

Македонската музичка сцена остана без еден голем автор, денеска нѐ напушти Тоше Поп Симонов (63), музичар, композитор, продуцент, текстописец.

Македонската етсрада не би била тоа што е денес без ангажманот и хитовите на Поп Симонов.

Симонов на почетокот на својата плодна музичка кариера беше член на култната група „Бастион“, а подоцна се изгради во голем композитор што создаде некои од големите македонски музички ѕвезди, како: Ена Веко, „Студени нозе“, Верица Пандиловска…

Ги замеша прстите и во некои од најголемите хитови, како „Велигден“ на Џина Папас Џокси, „Време за плачење“ на Игор Џамбазов, „Се ла ви“ на Јаков Дренковски, „Кучкин син“ на Верица Пандиловска, „Кучето мое“ на „Студени нозе“… и многу други песни.

Беше и уметнички директор на „Макфест“, каде се врати по подолго време како автор во 2019 година, кога неговата песна „Не ѝ признавај“ ја испејаа девојките од групата „Фрајле“ од Нови Сад и го освоија третото место. Соработуваше и со голем број други пејачи од регионот, меѓу кои и со Алка Вуица.

Во неговото студио снимаа и: Тоше Проески, Бени и „Нон стоп“, „Ристо Бомбата и кучешка тенија“, Владо Јаневски, „Меморија“, „Архангел“, „Анастасија“, Дарио…

Песните на Тоше Поп Симонов уште долго ќе се слушаат, од сегашните и од идните генерации, бидејќи со својот квалитет оставија неизбришлива трага на македонската музичка сцена.

Погребот ќе се одржи во вторник на 22 април, на Градските гробишта Бутел во Скопје.

М.Т.