Музејот „Ермитаж“ во Санкт Петербург отвори своја филијала во Амстердам во 2009 година, но 14 години подоцна, поради инвазијата на Украина, холандскиот музеј одлучи да ги прекине врските со Русија.
„Ермитаж“ во Амстердам од 1 септември ќе се вика „Музеј Х’арт“. Музејот најави дека ќе го смени името, откако институцијата ги прекина врските со Русија набргу по почетокот на инвазијата на Украина и ја прекина децениската соработка со истоимената институција во Санкт Петербург.
Според најавите, тој треба да работи во тесна соработка со големите светски музеи, како Британскиот музеј во Лондон, центарот „Помпиду“ во Париз и американскиот музеј за уметноста „Смитсонијан“ во Вашингтон. Агенцијата АФП јавува дека музејската институција го нарекла преименувањето „нов почеток“.
Музејот „Ермитаж“ во Санкт Петербург ја отвори филијалата во Холандија во 2009 година, лоцирана во Амстелхоф, во зграда од 17 век. На отворањето присуствуваше тогашниот руски претседател Дмитриј Медведев.
Првата голема изложба во музејот „Музеј Х’арт“ е закажана за средината на 2024 година.