Црниот фустан, креација на Армани, што Меган Меркл, војвотката од Сасекс, го носеше лани во интервјуто со Опра Винфри, Британскиот музеј на модата го прогласи за најдобро парче облека во 2021 година.
Долгиот свилен фустан од жоржет, со длабоко деколте и со навезен цвет на кокос, во комбинација со соодветен ремен, е модел од колекцијата на Џорџо Армани за сезоната пролет/лето 2022. Неговата цена во малопродажба е 4.700 долари.
Од 1963 година, Музејот на модата повикува реномирани личности од модната индустрија да го одберат фустанот на изминатата година. Изборот има цел да го опфати глобалниот моден тренд, но и да ја поттикне фантазијата.
Годинава селектори беа Ибрахим Камара и Гарет Рајтон, главниот уредник и уметничкиот директор на магазинот „Дејзд“.
– Во денешната хиперстилизирана поп-култура, фустанот на годината има потенцијал да биде и „меме на годината“. И двајцата го прифативме сега веќе култното интервју на Меган и Хари со Опра како дефинитивен момент што засекогаш ќе остане забележан во британската колективна свест – изјавија Ибрахим Камара и Гарет Рајтон во соопштението до јавноста.