Уште од почетокот на руската инвазија, за која сведочи целиот свет, храбрите Украинци се приклучија во редовите за одбрана на својата земја, а она што е особено интересно е што многу од нив се жени. Во украинската армија жените се сосема нормална појава, а кога изби војната, повеќето од нив не се двоумеле да земат оружје и да го заменат секојдневието со бојно поле.
Надија Бејбич, која чувала контролен пункт во близината на Золота, град во источна Украина, пред да ескалира конфликтот, била јасна во своите намери.
– Ние сме тука да ги заштитиме нашата земја и нашите семејства. Момците се однесуваат нормално кон мене, како и со другите колеги. Нема разлика – вели Надја, која носи свршенички и венчален прстен на истата рака со која пука од оружје.
Исто така, таа смета дека нејзиниот мотив за служење војска не се разликува од мотивот на мажите.
– Имаме исти причини како и мажите. Сакаме да ја одржиме Украина слободна – вели таа.
Во униформи или не, жените се во центарот на напорите да се спротивстават на руската агресија од 2014 година, а денес околу 17 отсто од нив ги сочинуваат украинските вооружени сили. Ним им се придружија домаќинки, но и вработени на возраст од 20 до 60 години, а заедно со мажите служат на боиштата и имаат „еднакви права“ според законот од 2018 година, додека од 2019 година можат да студираат и на воени факултети.

Промената на политиката дојде благодарение на напорите за лобирање на ветераните како Олена Билозерска, снајперистка што волонтирала во многу жаришта во источна Украина помеѓу 2014 и 2016 година. Таа своите вештини ги научила од својот сопруг, воен ветеран што долго време предвидувал конфликт со Русија, а таа ги вежбала своите стрелачки вештини во шумите во Киев.
– Сите се навикнаа на борците на фронтот на првата линија. Тоа е нормално – вели Билозерска, која тренираше како воена офицерка и две години командуваше со водот на самоодната артилерија во Донецк.
Во Украина исто така постои специјален баталјон на повозрасни жени „Баталјон Бабушка“, кој служи за размена на воени материјали, медицинска помош, разузнавачки информации за време на војната, но и копање ровови.
– Од 2014 година сонував да научам да користам пиштол, но ми рекоа „бабо, премногу си стара за тоа. Татнежот ќе те собори“ – вели 79-годишната Валентина Константиновска, која беше подготвена да се соочи со нападите од руската армија под команда на Владимир Путин.
Дека нема разлики за овие храбри жени, дури и кога се во прашање годините и професијата, потврди и украинската мисица Анастасија Лена, која дијадемата и лентата ги замени со пушка и повика на одбрана на својата земја.