Првата сезона на „Скопскиот моден фестивал“ ќе се одвива во трговскиот центар „Скопје сити мол“, од 4 до 27 март. Учесници на фестивалот се реномирани дизајнери и брендови од земјата и странство, заедно со истакнати уметници и музичари како специјални гости во програмата. Богатата програма на настанот е поделена во два посебни дела и има над дваесет македонски и интернационални учесници.
Првиот викенд од март е резервиран за сценски спектакл со модни ревии и шоуа и тринеделен изложбено-продажен салон, каде што ексклузивно ќе можат да се погледнат креациите на мнозинството фестивалски учесници.
– „Скопје сити мол“ е единствениот трговски центар не само во државата туку и во регионот што во моментот ги отвора вратите и им дава максимална поддршка на сите припадници на независната креативна сцена, нудејќи им простор и цел спектар на можности да ги промовираат своите дела пред нашите посетители и пошироката публика – истакнуваат организаторите.
Познати имиња, како Евгенија Зафировска, Стефанија Насеска, Емили Пишева Гоџирова, Моника Димова, Сара Реџиќ и Мирјана Јосифоска, односно брендовите КТН, „Минимал“, „Бела“, „Суперстејси“, „Ла дама“, „Минимал бах Нана“ и „Сигма џулари“, ќе се запишат како првите учесници на „Скопскиот моден фестивал“, заедно со странските гости: „СТЛ студиос“ (Грција),
Теја Јеглич (Словенија), Катерина Зото (Албанија) и престижната академија „Еволуш“ (Косово). Специјално претставување во рамките на манифестацијата ќе имаат и уметниците Бојан Ковски и Методија Јованов.