Фото: Пиксабеј

Ивон Дреберт и Зак Мелник барале инвазивни школки на полуостровот Брус во Канада кога наишле на сосема неочекувано откритие.
Станува збор за остатоците од паробродот „Африка“, кој потонал во октомври 1895 година, додека пренесувал јаглен од САД до Овен Саунд преку езерото Хјурон. Дреберт и Мелник не можеле да им поверуваат на своите очи кога ја виделе 128-годишната урнатина.
Кога бродот потонал, загинале 11 луѓе, а меѓу нив бил и капетанот Ханс Ларсен. Местото од каде што потекнуваат Дреберт и Мелник е именувано по него.
-Живееме на полуостровот Брус во заливот Ларсен. Ова место е именувано по капетанот на бродот „Африка“, Ханс Ларсен. Има улици именувани по луѓето што загинаа во несреќата – рече Дреберт.
Откритието на бродот создаде голем бесплатен публицитет за нивниот документарен филм „Премногу јасно“ (All Too Clear) за инвазивните школки.