Фото: Пиксабеј

Климатските промени и уништувањето и намалувањето на природните живеалишта влијаат врз животинскиот свет. Но некои животни успеале да се адаптираат. Еволуцијата обично значи развој и промени кај живите суштества во текот на долг временски период. Сепак, екстремните услови бараат екстремни мерки, па затоа животните реагираат со екстремна адаптација.

Во Порторико, на пример, гуштерите од видот анол, кои живеат во градовите, се адаптирале на специфичната клима. За разлика од нивните шумски роднини, тие развиле подолги екстремитети со повеќе ламели на прстите за полесно качување по згради и за трчање по топли површини. Промената се случила за само неколку години. Експертите забележуваат дека сѐ повеќе промени во однесувањето или во генетските промени се случуваат во многу кратки временски рамки. Понекогаш само во неколку генерации. Феноменот стана толку распространет што научниците му го дадоа името „модерна еволуција“.
– Некои животни во градовите добро реагираат на промените – изјави Ендру Сих, кој ја проучува еволуцијата на однесувањето на животните на Универзитетот во Калифорнија, во градот Дејвис.

Една студија покажа дека животните што можат да се приспособат на урбаните средини понекогаш имаат корист од поголема достапност на храна и помалку природни непријатели. Ова значи дека градовите, иако можеби на прв поглед се негостољубиви за животните, всушност можат да доведат до процут на некои видови.
Истражувањето покажа дека животните што живеат во урбани средини, каде што температурите се повисоки и загадувањето е поголемо, покажуваат „значително поголема“ отпорност на стресни услови во споредба со нивните роднини во дивината.
Првиот чекор во промената е промена во однесувањето. Кај некои животни, токму оваа способност може да доведе до подлабоки промени. Градските птици се добар пример. Иако луѓето можеби не го забележуваат тоа, многу птици ја промениле својата песна за да се слушнат над бучавата од сообраќајот. Студиите покажаа дека птиците активно ги менуваат фреквенцијата, гласноста и времето на своето пеење за да бидат погласни од бучавата. Слична промена е забележана и кај рибите.

Сих истакнува дека животните што побрзо се адаптираат на животот со луѓето би можеле да се појават како победници од климатските промени во наредните децении, бидејќи тие веќе започнале со промените во зависност од временскиите услови.