Од лево кон десно: Александар Трајковски - директор, благајник и книговодител; Славко Крстевски - библиотекар и Петре Богески - киноапаратeр, пред Домот на културата
  • Славе кај различни луѓе оставил различни спомени. За некого – строг и бескомпромисен. За друг – перфекционист. За трет – човек обележан со идеологијата и општествените убедувања на своето време. Веројатно бил по нешто од сето тоа. Но зад сите тие слики останува нешто многу потрајно: човек што повеќе од осум децении ги зачувал духовната љубопитност и потребата да мисли, да памети, да создава и да остава трага

Благоја Шундовски

Учител, хроничар, новинар, организатор, творец и еден од луѓето што ја носеа културата на Демир Хисар. Пред да ја прочитате оваа мала и духовита споменарска приказна, треба да знаете нешто за човекот што ја напишал. Зашто Славко, нашиот Славе Бутка, не е само сведок на времето за кое раскажува. Тој е еден од оние луѓе без кои тешко може да се раскаже еден голем дел од културната, просветната и јавната историја на Демир Хисар. Сестран, докажан и потврден мултиталент, Славе беше од оние ретки луѓе што ги имаше секаде каде што нешто требаше да започне, да се организира, да се напише, да се сними или, едноставно – да се направи како што треба. Без него не помина ни почетокот на првата општинска библиотека. Речиси немаше позначаен јавен настан во кој не беше вграден неговиот организациски нерв, неговиот до детали пресметан перфекционизам и онаа негова особина однапред да го предвиди и она што другите ќе го заборават. Беше новинар и дописник. Со легендарната филмска камера десетина години ги снимаше важните настани од Демирхисарско и пишуваше дневни прилози за тогашната Радио-телевизија Скопје. Камерата му беше речиси второ око – со неа останаа забележани луѓе, настани и времиња, кои, да не беше тој, можеби денес ќе постоеја само во нечии избледени сеќавања. А кога на локалните раководители и големци ќе им требаше говор за јавен настап – пак Славе. Некако се подразбираше кој ќе седне, ќе го земе перото и туѓата мисла ќе ја претвори во зборови за пред народ.

Учителот што им го отвораше светот на децата

Но многу пред камерата, новинарството, синдикатот и раководните функции, постоеше учителот Славко. Уште како млад селски учител, пред повеќе од седумдесет години, во високопланинското село Базерник, не се задоволил само да ги научи децата да читаат, да пишуваат и да сметаат. Таму ја формирал и првата детска балетска група. Балет – во Базерник! Денес можеби тоа ќе прозвучи како мала занимливост. Ама треба човек да се врати во тоа време, во тоа планинско село, во тогашните услови, за да разбере што значело еден млад учител да им отвора на селските деца прозорец кон еден свет што дотогаш не го познавале. Не ги учел само да гледаат во буквите од букварот. Ги учел, колку што можел, да погледнат и низ окуларот на животот – кон уметноста, кон убавото, кон светот зад планините. Следувале години и децении на општествена и синдикална работа, долга раководна кариера и безброј јавни обврски.

Но перото никогаш не го оставил. Уште во раната младост ја напишал својата прва драма. Подоцна дошла и поезијата – и со неа еден друг, потивок Славко, со исклучителен и длабок духовен сензибилитет што можеби не секој можел да го препознае зад неговата јавна строгост, организаторска прецизност и вечна потреба работите да бидат направени како што треба. А кога требало да се зачува колективното паметење – повторно перото. Во документаристички расказ ја забележал и големата трагедија на своето родно Слепче, кога на Свети Леонтиј огнените јазици го проголтале селото. Така она што можело со годините и со последните живи сведоци да исчезне, останало запишано.

Кога духот не им се предава на годините

Славе кај различни луѓе оставил различни спомени. За некого – строг и бескомпромисен. За друг – перфекционист. За трет – човек обележан со идеологијата и општествените убедувања на своето време. Веројатно бил по нешто од сето тоа. Но зад сите тие слики останува нешто многу потрајно: човек што повеќе од осум децении ги зачувал духовната љубопитност и потребата да мисли, да памети, да создава и да остава трага. Денес телото веќе не го слуша како некогаш. Тежината на годините, многулетните облаци што се надвиснале над него и преживеаните семејни судбини му ги ограничуваат чекорот и физичката моќ. Но не и мислата. Не и духот. Тие сè уште му се непоразени и цврсти.

Лорета – раката што останува подадена

А кога се зборува за денешниот Славко, би било неправедно да не се спомене и неговата благородна придружничка низ оваа најтешка животна делница – неговата ќерка Лорета. Всушност, не само денес. Таа отсекогаш била еден од неговите најголеми почитувачи, поддржувачи и тивки сојузници. Ќерка што во татка си не го гледа само родителот туку човекот кому му се восхитува, од кого учела и чиј животен пат, со сите негови успеси, премрежиња, строгости и слабости, го прифатила како дел и од сопствениот живот. А Славко, кој толку години им бил потпора на други, денес ја има неа како своја потпора. Лорета е од оние луѓе кај кои, дури и кога е најтешко, од лицето не исчезнува насмевката. Не онаа насмевка што ја прикрива тежината, туку насмевка на добронамерност, добродушност и човечка топлина.

Иста кон блискиот, кон почитувачот на нејзиниот татко, кон добронамерникот, па и кон случајниот познајник што ќе застане да праша: Како е Славе? Зад едно такво едноставно прашање понекогаш стои цел еден живот. А зад одговорот на Лорета – години грижа, трпение, љубов посветеност. Таа денес е таму каде што отсекогаш била – покрај него. Негова потпора кога чекорот станал несигурен. Поддршка кога телото почнало да ја губи некогашната сила. Соговорник кога мислата бара со кого да се сподели. И можеби повеќе отколку што самата е свесна, една од инспирациите тој и натаму да се навраќа кон минатото, да се сеќава, да раскажува и да пишува. Има нешто благородно во таа смена на животните улоги. Некогаш таткото ја држел ќерката за рака и ја водел низ животот. Денес, кога треба – ќерката му ја подава својата рака нему.

Но не за да го води наместо него. Туку за да може Славе, колку што му дозволуваат годините, и понатаму да оди по својот пат.

И сега, нека раскажува Славе…

Затоа и оваа мала споменарка што следува не ја читам само како уште едно сеќавање на еден стар демирхисарец. Во неа го препознавам истиот оној Славко што целиот живот гледал, забележувал, организирал, снимал, пишувал и паметел – и кој, и сега кога физичката моќ му е ограничена, сè уште има што да ни каже. Е, токму тој Славе Бутка, како свој прилог и скромен придонес за оваа книга, специјално ја напиша и ми ја подари оваа гротескна споменарка од времето кога само неколкумина луѓе знаеја на свој грб да ги понесат целата тежина и одговорност за културните и другите општински настани што се организираа често и на повеќе места низ општината.
И токму тука е убавината на неговото сведоштво. За сето она што бил и што правел, Славе овде не кажува големи зборови. Не се поставува себеси на пиедестал. Не набројува заслуги. Туку се мајтапи. Со времето. Со другарите. И, најмногу, со себе. А токму затоа треба да го оставиме да раскажува како што си знае тој.
Згоди и незгоди

Ова е споменарка од времето кога филмот сè уште се крпеше – па се тераше понатаму. „Мензата“, или како што беше нејзиниот официјален регистриран назив – УНАП (Угостителско народно претпријатие), беше многу, многу скромна, ама затоа исклучително популарна. Можеби затоа што беше единствена. Директор беше Ристо, а најпопуларен меѓу келнерите – Дончо од Брезово, кој и на 65-66 години „леташе“ со шест чини посно гравче – по три на двете раце. За разлика од него, младиот Стојан беше тромав, а тука беше и „студениот“ Цане Смилевецот. Стојан постојано потенцираше дека е висококвалификуван и дека не е за тука. Тоа ни даваше повод да се „мајтапиме“ со него и со скриен сарказам да му возвраќаме: – Вистина, не, не си за овде. Ама, каква-таква – „Мензата“ си беше наша. Единствена. И затоа популарна.
Сандо, пак, беше директор на Домот за култура. Само што дом немаше.
„Канцеларијата“ му беше во празниот ќош од библиотеката. Директорувањето му се состоеше, меѓу другото, и од патување еднаш годишно во Пула, каде што се склучуваа договорите за филмовите за наредната година. А овде работата му беше: книговодство, благајна, продажба на карти за кинопретставите и други активности од областа на културата. Тоа беше спротивно на Законот за финансиско работење – не смееше иста личност да биде и книговодител и благајник. Ама дом немавме, луѓе немавме, а култура – требаше да имаме. Приватно Сандо беше колекционер на грамофонски плочи. Често во „канцеларијата“ ги средуваше, ги подредуваше и ги селектираше со за нас несфатлива педантерија. Беше прекумерно трпелив.
Се случуваше цело работно време да ги одвојува, да ги пребројува и да ги „пакува“ во „фишечиња“ металните пари од членарината на членовите на библиотеката и од продажбата на карти.

Петре – крајно одговорен, трпелив. Јас. покрај другото, од пусти мерак кон актерството, театарот и филмот, иако тоа не ми беше во работните задачи, сите филмови ги гледав по три пати.

Првиот пат од последниот ред на салата, а другите од кабината за проектирање. Гледав и му помагав на Петрета. Демек – подај-поземи. Посебна потреба и корист од мене Петре имаше кога ќе пукнеше филмската лента. А тоа, практично, приближно, изгледаше вака:

Ќе пукнеше филмот и…
Може да се претпостави што се случуваше на филмското платно додека Петре не стигнеше да го сопре кинопроекторот, оти пустиот, и откако ќе се исклучи, уште врти по инерција. И тоа не беше најлошото. Најлошо беше врескањето на публиката. Пцуењето ќе го премолчиме. Петре, колку што го држи гласот:
– Пукна фиУмот! Многу ет вртен!
Па, за себе, ама гласно: ПУ, да ти се плукнам во то’ фиУмот!
И веднаш кон мене: Струјата, струјата, пали брзо!
Јас: Запалена ет, Петре, не ни е прв пат – го знајме то’!
Од салата – групно негодување: Кај најде во најубото, бамуја?!
Петре: Без гајле, ќе го рикверцираме! Ако требит, отпрвин ќе го вратиме!
Од салата: Никако! Дури да втасат довде, можит трипати да пукнит!
Петре, заповедно кон мене: Ножиците! Жилетот!
Јас: На!
Петре: Лепилото!
Тогаш не знаевме, пусто, дека се викало „селотејп“.
Јас: На!
Петре: Држи сега со прстот овде!
Ми покажува на филмот каде што треба да се залепи.
Јас: Еве држам де, не ни е прв пат!
Петре лепи, мести, проверува…
И после, кон салата: Ајде седнувајте, ваќајте местата! Гото ет, го пуштаме!
Од салата: Абре, алав да ви ет – коуку брзо го закрпивте!
И толку.
Филмот продолжуваше. Публиката пак гледаше. А ние пак бевме подготвени, ако требит, да го крпиме.
Зашто во тие години можеби немавме ни вистински дом за култура, ама домот работеше. Немавме многу луѓе, ама тие што бевме – бевме за сè. Сандо со сметките, картите и неговата педантерија. Петре со кинопроекторот. Јас – демек „подај-поземи“. И така, секој на свој начин, си ја теравме културата.
А кога ќе пукнеше филмот? Ќе го закрпевме.
И терај понатаму.