Дуња Иванова го освои третото место во дисциплината хронометар, со време од 31 минута и 8 секунди, на натпреварот во рамките на „Гранфондото“, кое на 14 и 15 април се одржа во Умаг, Хрватска. Како претставничка на велосипедскиот клуб „Енерџи“ од Скопје, Иванова учествуваше и на трката од 119 км низ пределите на Истра, каде што во својата група го освои третото место.
Овој настап е прв во низата што следуваат како подготовка за Светското првенство во хронометар, кое ќе се одржи на 10 август оваа година во Глазгов, Шкотска. Дуња Иванова е првиот женски претставник на светско првенство во историјата на велосипедскиот спорт што ќе ги брани боите на Македонија помеѓу светската елита.
Иванова е државен првак во хронометар, маунтинбајк, велокрос, со голем број меѓународни успеси како: бронзен медал на „Филип Вагнер Ц1“ во Србија, златен медал на „Успон“ на Орјен во Црна Гора, сребрен медал на етапна трка на планината Тара во Србија, осмо место на етапна трка „4 острови“ во Хрватска, петто место на Балканијадата во Босна и Херцеговина, седмо место на Балканијадата во Грција итн.