Збогување со актерот Гоце Тодоровски

Пензионираниот актер на Драмскиот театар во Скопје, незаборавниот Цанде од „Солунски патрдии“ и еден од најпопуларните и најпрепознатливи македонски актери, почина на 75-годишна возраст. Од Драмскиот театар во Скопје велат дека со заминувањето на Гоце Тодоровски, македонскиот театар, филм и телевизија загубија уметник чиј талент речиси половина век беше дел од колективната меморија на публиката.
– Гоце Тодоровски не ја бараше наклонетоста на гледачите. Ја освојуваше уште со првото појавување на сцената. Неговата игра имаше ретка непосредност: прецизен актерски ритам што изгледаше сосема природно, жива мимика, препознатлив гест и оној мангупски шарм со кој умееше да ја пренесе играта од сцената во гледалиштето. Неговата комика никогаш не беше само ефект. Зад смеата стоеја дисциплина, инстинкт и длабоко разбирање на човечките слабости – велат од Драмскиот театар.
За Драмскиот театар, Гоце Тодоровски не беше само еден од најдолговечните и најсакани членови на ансамблот туку тој беше дел од неговиот идентитет, од времето кога претставите се играа со децении, кога билет повеќе се бараше со недели и кога актерите стануваа дел од животот на својата публика.
– Зад него остануваат улоги што ќе продолжат да живеат во сеќавањето на гледачите, архивските снимки на кои повторно ќе нè насмее и онаа особена тишина што останува кога од сцената ќе замине актер што никој не може да го замени. Драмскиот театар од Скопје изразува длабоко сочувство до неговото семејство, блиските, колегите и до многубројната публика што го сакаше. Гоце, ти благодариме за секоја претстава, за секој лик и за секоја насмевка – се наведува во соопштението.
Роден е во Кичево на 30 април 1951 година. Основното, средното и високото образование ги заврши во Скопје, а во 1976 година дипломира на Отсекот за драмски актери при Вишата музичка школа. Уште како студент учествува во продукции на Драмскиот театар во Скопје, каде што во 1978 година станува постојан член на ансамблот. Во Драмскиот театар останува до пензионирањето во 2018 година, оставајќи зад себе четири децении посветеност на театарот што беше негов уметнички дом. На матичната сцена оствари 43 улоги во претстави од различни жанрови. Неговата театрографија започнува со „И бол и бес“, а низ годините ги создаде Цанде во „Солунски патрдии“, Помалиот Брат во „Чудото на Свети Ѓорѓи“, Мачорот Џингискан во „Мачорот Џингискан и Мики Траси“, Ачко во „Викенд на мртовци“, Питу во „Сара Бернар“, сер Тоби Ждригало во „Ноќ спроти водици“, Петар во „Собирен центар“, Главниот во „Ова не е американски филм“, Панталоне во „Арлекин или Слуга на двајца господари“, Осман-бег во „Ладало“ и многу други. Ставре во „Како да се ограби банка“ беше неговата последна улога на сцената на Драмскиот театар.
Тодоровски беше дел од три претстави што прераснаа во вистински театарски феномени: „Солунски патрдии“, „Болва во уво“ и „Викенд на мртовци“. Секоја од нив живееше на сцената повеќе од две децении, со генерации гледачи што ги знаеја ликовите и репликите речиси како дел од сопствените семејни приказни.
Иако природно надарен за комедија, неговиот актерски опсег беше многу поширок. Ангеле во „Лет во место“, во режија на Слободан Унковски, Питу во „Сара Бернар“ и неговите улоги во „Ревизор“, „Собирен центар“ и „Ова не е американски филм“ откриваа актер способен истовремено да ги носи светлината и темнината на еден лик. Зад разиграноста постоеја меланхолија, ранливост и прецизно чувство за драмскиот миг. Во тоа се состоеше неговата големина: никогаш да не го претвори ликот во карикатура, дури и тогаш кога салата се тресеше од смеа.