Фото: Јованка Гроздановска

Изминатите две вечери, сите оние што дојдоа да ги проследат јубилејните концерти на Драган Мијалковски во Националната опера и балет во Скопје, присуствуваа на час по историја на македонската забавна музика. Слушнавме домашни евергрини, испеани беспрекорно со вечно младиот глас на Драган, на кого времето не му може ништо. Слушнавме приказни за секоја од нив и се потсетивме на нивните автори, кои се неизоставен дел од македонската култура, а други, пак, беа важен дел од екс-југословенската музичка сцена.

Со двата големи концерти пред скопската публика, а веруваме имаше и гости од други градови, Драган Мијалковски ни покажа и докажа зошто опстанал цели 60 години на естрадата, а микрофонот од рака не го испуштил никогаш.

Неговата успешна музичка приказна тој ја почнал на 14 години, кога талентот најпрво му го забележале во неговото основно училиште „Кочо Рацин“ во Скопје. Како средношколец неговата дарба уште повеќе испливува на површина и го привлекува вниманието на музичките експерти, кога членувал во првите школски бендови, па сѐ до влегувањето во Македонската радио-телевизија и правењето на првите снимки. Следат победи на Скопскиот и на многу други фестивали во Југославија и стотици концерти и турнеи во многу земји во светот.

Драган Мијалковски е првата македонска мега-ѕвезда по кого обожавателите трчаа по автограми. Да сакаше можеше да остане во Белград, имаше бројни понуди, па и светот ќе го запознаеше неговиот извонреден глас, но ете реши да остане во своето Скопје, со семејството.

Токму со песна за својот град тој синоќа и прексиноќа почна да ја раскажува својата музичка приказна. Малку сеќавања, повеќе песна, по некоја шега и многу емоции. Публиката го прегрна уште со првите тактови, имаше луѓе од сите генерации, но најмногу оние кои ги паметат и растеа со неговите хитови, кои се слушаат со несмален интензитет и денес, а ги потпенуваат и младите.

Фото: Јованка Гроздановска

Концертите беа на светско ниво, со два оркестри, ревиски и џез, со кои диригираше Дијана Имери-Илковска, танчери, придружни вокали, речиси совршен звук, со видео-приказна за секоја песна, за што заслужен е иницијаторот на овие случувања Ранко Петровиќ.

Токму затоа ќерката на Драган, Искра, на социјалните мрежи му се збалагодари јавно.

– Ова е тоа! Ова е Драган! Ова сме ние со него! Душа, срце, љубов, радост, музика … Мојата среќа и среќата на моето семејство, и благодарноста пред сѐ, ја споделувам со сите вас од „Радио бубамара“! Да ни се случуваат на сите вакви убавини и успеси и да живееме сплотени преку уметноста и сѐ она што ни ги гали срцата – напиша ќерката Искра.

И на двата концерти се внимаваше на сѐ, па и да се напарави холивудско селфи на Драган со целата публика. Овие концерти се обмислуваат и подготвуваат речиси една година до најмал детаљ.

И на крајот се исплатеше, Драган Мијалковски го донесе Бродвеј во Скопје.

Гостите што ја поделија сцената со Драган, исто така, беа на висина на задачата, почнувајќи од одличната глумицата и пејачка Жаклина Стевковска, композиторот и врвен басист Љупчо Трајковски – Фис, легендарната пејачка Зорица Поп Панкова, виртуозот на хармоника Горан Алачки…

Фото: Јованка Гроздановска

Но сепак, ѕвезда на вечерта беше Драган Мијалковски, кој секоја песна од својот репертоар ја испеа маестрално. И се редеа: „Скопје радост моја“, „Оди си“, „Кажи ми“, „Гитаро моја“, „Бега, бегај Марија“, „Лебеди пловете“, „У малом граду крај Дунава“, …. Секоја испратена со искрени, силни, топли аплуази, а неколкупати и ракоплескања прострум.

– Сите учесници на овие концерти залсужуваат десетки! Ви благодарам на верноста сите овие години и на тоа што толку ја сакате и поддржувате македонската музика. Вистински виртуози беа мои учители и секој за мене е особено значен. И не грижете се, ќе има уште вакви средби за паметење – рече Мијалковски, искрено трогнат од реакциите и од емоциите на публиката.

Голем број јавни личности и колеги од музичкиот свет беа во публиката. Кога одекнаа првите тактови од песната „На 223-305“ целата публика беше на нога, а атмосферата ја доживеа својата кулминација со народната „Дојди Лено, на перниче бело“, која Алачки ја украси со својата хармоника.

Повторно слушнавме уште неколку „вечно зелени песни“, а по два часа пловеење низ макеоднската музичка историја, сепак дојде крај на оваа средба за паметење.

Ако си вистинска ѕвезда твојот сјај не се намалува со годините. Напротив, свети сѐ посилно! Како во случајот на нашиот Драган Мијалковски.