Топлината и влажноста им отежнуваат на натпреварувачите да ја регулираат внатрешната телесна температура. Тоа ги намалува физичките перформанси, особено во спортовите на издржливост
Како да се разладите во Париз
Расте загриженоста за тоа какво ќе биде времето во Париз за време на претстојните Олимписки игри, кои почнуваат на 24 јули. Игрите би можеле да станат најжешките во историјата. Според неодамнешниот извештај на „Лансет“, населението на Париз е изложено на најголем ризик од топлотен удар од кој било друг главен град во Европа. Во 2003 година, рекордниот топлотен бран предизвика повеќе од 14.000 смртни случаи во Франција во јули и август – истиот период во кој ќе се одржи и Олимпијадата во 2024 година.
Ќе има ли топлотен бран за време на Олимпијадата во Париз?
Во мај француската метеоролошка служба „Метео Франс“ прогнозираше наднормални температури за периодот од јуни до август низ целата земја и особено топли и суви услови по должината на брегот на Средоземно Море, каде што ќе се одржат некои олимписки натпревари.
На крајот на мај Франција доживеа високи температури во Бијариц на југозапад, кои достигнаа 30 Целзиусови степени. Во јуни имаше и силен град.
Низ Европа топлотните бранови се појавија порано од кога било годинава, а Грција, Кипар, Турција и Италија веќе се погодени од екстремни горештини, со температури на некои места за 10 Целзиусови степени над сезонскиот просек.
Иако среднорочните прогнози не се секогаш точни – времето низ Европа е исклучително променливо, со безброј различни фактори што влијаат – метеоролозите можат да користат временски модели и податоци за општите трендови, вклучувајќи ги и месечните просечни температури, за да направат предвидувања.
Ризикот од топлотните бранови за спортистите
Како што се зголемуваат температурите, телата на спортистите се под зголемен притисок. Топлината и влажноста им отежнуваат на натпреварувачите да ја регулираат внатрешната телесна температура. Тоа ги намалува физичките перформанси, особено во спортовите на издржливост. За оние што ќе се натпреваруваат надвор за време на топлотен бран, постои зголемен ризик од изгореници од сонце, топлотна исцрпеност и топлински грчеви. Во особено тешки случаи, тешкиот топлотен удар може да биде опасен по живот.
За да ги направат Игрите во Париз „најзелени во историјата на Олимпијадата“, официјалните лица одлучија да користат природни системи за да се осигурат дека внатрешната температура е најмалку 6 Целзиусови степени пониска од надворешната температура. Тоа вклучува закажување настани во поладни периоди од денот и обезбедување дека внатрешните простори се изградени имајќи ги предвид климатските промени. Тоа значи и дека неколку згради, вклучувајќи го и селото на спортистите, наменски изграден комплекс во северните предградија на Париз, нема да бидат опремени со клима-уред. Наместо тоа, дизајнерите инсталираа систем за геотермално ладење.
– Развиена е геотермална мрежа за снабдување на зградите во селото: произведената енергија (од која 68 проценти е обновлива) ќе обезбеди и греење и ладење за сместувањата, канцелариите и станбените објекти што ќе бидат изградени во овие ѕидови по Игрите – се наведува во соопштението.