Постојат многу фактори што можат да влијаат на ризикот од проблеми со здравјето на мозокот, а некои од нив се целосно во ваша контрола. Одредени фактори можат да ви помогнат да го одржите вашиот мозок во врвна форма, како што се избегнување на пушењето цигари, применување физичка активност и одржување здрава тежина.
– Да се има оптимално здравје на мозокот значи минимизирање на воспалението и изложеноста на токсини, да се биде метаболички флексибилен, да се има потпорна енергија, проток на крв, оксигенација, митохондријална функција и хранливи материи, како и да се има доволна невротрофична поддршка – вели Дејл Бредесен, истражувач за неврологија и експерт за невродегенеративни болести.
Кога станува збор за изборот на храна, добро е познато дека следењето шеми на исхрана богати со антиоксиданси како медитеранската исхрана и фокусирањето на хранливи материи како омега-3 масните киселини и витамините Б може да помогне во поддршката на природното здравје на вашиот мозок.
Високото дневно внесување овошје и зеленчук може да резултира со подобри когнитивни перформанси во споредба со оние што консумираат мали количества овошје и зеленчук во нивната исхрана. Значи, исхраната богата со хранливи материи преполна со антиоксиданси, здрави масти и микронутриенти може да ви помогне да го одржите вашиот мозок здрав. Меѓутоа, од друга страна, постојат одредени намирници што можат да дејствуваат против целите за вашето здравје на мозокот, особено ако често ги вклучувате во вашата исхрана.

Пржено пилешко
Сè што е длабоко пржено има добар вкус, а тоа крцкање што го добивате кога ќе гризете пржена храна е нешто што е тешко да се замени. Меѓутоа, јадењето пржена храна како што е прженото пилешко месо често не му прави никаква услуга на вашиот мозок. Резултатите од метаанализата објавена во списанието „Американ џрнал оф клиникал нутришн“ покажаа поврзаност помеѓу поголемо количество пржена храна и зголемен ризик од когнитивни здравствени проблеми.

Гумени бонбони
Сите ние сакаме слатко задоволство одвреме-навреме. Меѓутоа, бонбоните како гумените мечиња се речиси без ништо хранливо, бидејќи во суштина се направени од чист шеќер. Додека шеќерот во форма на гликоза е потребен како извор на енергија, преголемата потрошувачка на шеќер е поврзана со оштетување на меморијата и зголемен ризик од деменција. Затоа е подобро гумените бонбони да ги консумирате како повремено уживање и да се придржувате до слатките грицки со хранливи материи за често грицкање, како овошјето.

Брза храна
Понекогаш опасноста не е храната што ја јадете, туку она во што е спакувана вашата храна. Познато е дека обвивките за брза храна содржат пер- и полифлуороалкилни супстанции (ПФАС) или хемикалии што се поврзани со многу негативни здравствени ефекти, вклучувајќи и негативни ефекти врз нашето когнитивно здравје.

Крофни
Крофните предизвикуваат троен удар кога станува збор за храна што не го поддржува здравјето на нашиот мозок. Овие слатки обично се прават со додаден шеќер, кој, кога се консумира прекумерно, се чини дека е поврзан со пониска когнитивна функција. Крофните се исто така пржени и се сметаат за ултраобработена храна, што укажува на тоа колку нивното често консумирање може да биде штетно за здравјето на вашиот мозок.