Бројот на милијардери во светот минатата година се зголеми за 13 отсто и достигна рекордни 3.302, покажува новото истражување на швајцарската банка УБС. Во исто време, богатството на најбогатите луѓе во светот порасна значително побрзо од богатството на просечната популација, а аналитичарите како една од клучните причини го наведуваат бумот на вештачката интелигенција.
Според податоците на УБС, богатството на милијардерите се зголемило во просек за 25 отсто во годината што заврши во април. За споредба, просечното лично богатство на глобално ниво се зголемило за 10,8 отсто. Економистот на УБС, Џејмс Мазео, смета дека силниот раст на берзата, поттикнат пред сѐ од бумот на вештачката интелигенција, одиграл клучна улога во зголемувањето на богатството на супербогатите.
– Поголемиот дел од богатството на милијардерите е поврзано со компании што котираат на берзата, така што дел од растот е директно поврзан со движењата на пазарите на капитал. Приказната за бумот на вештачката интелигенција го поттикнува растот на берзите, а во земјите со развиени пазари на капитал, тоа директно се рефлектира во растот на богатството – вели Мазео за „Гардијан“.
Бројот на луѓе со богатство меѓу 50 и 100 милијарди долари се зголеми на 18, додека 19 луѓе во светот ја надминаа границата од 100 милијарди долари нето-имот. Дури 15 од тие 19 ултрабогати поединци живеат во САД. Глобалната популација на милионери исто така брзо се шири. УБС проценува дека минатата година во светот имало повеќе од 57,5 милиони милионери. Само во САД, повеќе од 440.000 луѓе станаа милионери за првпат, што претставува речиси половина од вкупниот глобален раст во 2025 година. Во Обединетото Кралство, бројот на нови милионери се зголеми за повеќе од 43.000.
Растот на богатството на најбогатите се случува во време кога јазот меѓу најбогатите и најсиромашните продолжува да расте.