Фото: Јованка Грозадановска

„Се врати старата Бојана“ гласи еден од коментарите на музичкиот канал Јутјуб, што може да се прочита под баладата „Лажни светови“, најново од познатата македонска пејачка Бојана Скендеровски. И навистина во последните неколку години таа е сѐ поприсутна на македонската музичка сцена со нови песни и проекти.

Во пријатна атмосфера, пред голем број новинари, пријатели, блиски и поддржувачи на македонската популарна музика, Бојана вчеравечер во клубот „Дион“ во центарот на Скопје, ја претстави својата најнова песна, која како што рече, е најава за уште многу новости што следуваат од неа во наредниот период.

Зад убавата балада, за која е снимен и впечатлив видеозапис, стои цел тим големи професионалци. Музиката е на Александар Тарабунов – Тара, кој е автор и на текстот, а го слушаме и како придружен вокал, а аранжманот и мастерингот ги направи Димитар Андоновски. Интересно е дека Бојана самата го режираше спотот, зад кој застана семејната продукција. За нејзиниот впечатлив изглед во видеоприказната се погрижи модната дизајнерка Ивана Кнез.

Бојана Скендеровски и Александар Тарабунов – Тара на промоцијата/Фото: Јованка Грозадановска

– Јас сум екипен играч и од се срце му благодарам на мојот тим што учествуваше во создавањето на оваа песна и сите оставивме парче душа во неа. Се надевам ќе ѝ се допадне на публиката и ќе ја прифати како своја. Им благодарам на претставниците на медиумите кои се со нас вечерва и на сите пријатели кои се радуваат со мене на секој успех – рече Бојана на промоцијата.

Иако песната е насловена „Лажни светови“, според првите коментари, изведбата и емоциите на Бојана се повеќе од вистински, многу зрели и емотивни.

– Баладите од секогаш биле мој избор и секогаш со задоволство ги исполнувам. А ако се прашувате зошто пеам песна на Александар Тарабунов – Тара, еве ќе ви откријам. Кога минатата година патувавме низ Македонија со карванот „Македонијо во срце те носиме“, тој беше неумоен и постојано пееше и ширеше убава енергија меѓу сите нас. Многу го почитувам и како автор, како и Димитар Андоновски и драго ми е што остваривме соработка на овој проект – посочи Бојана.

Тара потврди дека соработката со Бојана се случила многу спонтано и сѐ се одвивало брзо, од идеја до реализација.

– Бојана ме насочи што сака, песна која ќе може да се свири со бенд и на солистички концерт, со добар текст и мелодија која влегува во уво. Набрзо ѝ пратив демо снимка, а текстот верувале или не го напишав за половина час, едноставно излезе од мене. Ѝ го пратив и се допадна и ете се случи песната „Лажни светови“– откри Тара.

Бојана најави уште една нова песна наскоро, но и солистички концерт до крајот на годината.

– Се надевам дека мојот солистички концерт, што и го должам на публиката и на сите кои ме поддржуваат ќе се случи до крајот на годината. По завршување со проектот „Македонијо во срце те носиме“ ќе се насочам кон нови песни, што веројатно ќе се најдат и на албум. Следната исто така ќе биде со потписот на Тара, но малку побрза – рече Бојана Скендеровски. М.Т.