Фото: Приватна архива

Биља Крстиќ и десет исклучителни женски вокали обединети во вокалната рабоптилница „Бистрик“, в четврток (7 март), во 19 часот во Занаетчискиот дом во Куманово ќе одржат целовечерен концерт. Настапот е во чест на отворањето на канцеларијата на српскиот културно-информативен центар „Спона“ во Куманово. Во Скопје „Спона“ има своја канцеларија веќе 18 години.

Вокалната работилница на Биља Крстиќ – „Бистрик“ веќе 12 години успешно работи со млади талентирани пејачи.

– „Бистрик“ е дизајниран уметнички да ја популаризира традиционалната музичка култура на Србија и да им даде можност на талентираните пејачи да се заљубат, да учат и да им го пренесат своето знаење на идните генерации. Негуваме музика, традиција, добра атмосфера, дружење, емпатија и тимска работа со младите пејачи. Нашата работилница нуди богата концертна активност, гостувања на престижни натпревари и фестивали, учество во телевизиски емисии, музички спотови и е препознатлива по стилот, прецизната интерпретација како и специјално креираните костуми – вели Биља Крстиќ за гостувањето.

Биља Крстиќ, музички педагог и долгогодишен вокален солист на оркестарот „Бистрик“, долги години беше уредник во Радио Белград, а на музичката сцена е од 1970-тите години на 20. век, најпрвин во бендовите „Сунцокрет“ и „Рани мраз“, а подоцна и како некој кој успешно гради соло кариера. Многупати е наградувана за нејзината работа, а во нејзината биографијата е запишано дека е автор на музиката за филмот „Зона Замфирова.

Сега е актуелна со музиката од филмот „Хероите на Халиард“ во режија на Радош Бајиќ.