Крис Павловски, сопственикот на видеоплатформата „Рамбл“, му понуди 100 милиони долари на интернет-водителот Џо Роган за да го напушти „Спотифај“ и да се префрли на неговиот сервис.
Павловски, инаку бизнисмен со македонско потекло, кој живее во Торонто, Канада, ја објави понудата на Твитер. Тоа уследи по отвореното писмо на извршниот директор на „Спотифај“, Даниел Ек, во неделата, во коешто се извинува за употребите на расна навреда од страна на Роган во постарите епизоди на неговата интернет-емисија.
„Њујорк тајмс“ претходно го опиша Роган како „еден од најконсумирните медиумски производи на планетата. Неговиот подкаст е најпопуларен на „Спотифај“. Во 2020 година, Роган потпиша договор од 100 милиони долари со „Спотифај“ што му даде на стриминг-гигантот ексклузивни права за неговата емисија.
Странските медиуми потсетуваат дека од почетокот на пандемијата, Роган, кој има легии посветени следачи, постојано шири дезинформации и лажни тврдења. Пред неколку недели, 270 лекари, научници, здравствени работници и професори напишаа отворено писмо до „Спотифај“, изразувајќи загриженост за медицинските дезинформации на подкастот на Роган. И други познати личности како музичарите Нил Јанг и Џони Мичел го критикуваа Роган и ја повлекоа својата музика од стрим-сервисот „Спотифај“ во знак на протест.