Во неколку продолженија ќе објавиме стихови од писателот Саво Костадиновски, кој ги напишал за својата татковина Македонија. Тој ги опеал планините, реките, езерата, градовите нејзини, па преку овие стихови ќе можете и сами да проверите колку знаете за земјата во која сте родени

Ниџе

Според името, ти се чини:
нешто мало, како книже,
но воопшто не е мала –
планината Ниџе!

На врв горе – Кајмакчалан –
врв „од прва класа“,
само храбар планинар –
до него ќе втаса.

Пишти ветер по могилки,
расфрлани, бројни,
Кајмакчалан е познат,
и по светските војни.

И додека Кајмакчалан
кон небото виш вишува,
Ниџе црна историја –
на времето запишува!
Селечка планина

Извишила врвови
над селото Селци,
пуштила да пасат
јагниња и телци.

Да имаше извори,
ќе бегаа сушите,
ниту жед ќе сетевме –
длабоко во душите!

Но, и ваква, каква што е –
пак убости крие,
па, ајде, да тргнеме –
да ја посетиме и ние!

Бабуна

Полека, не брзајте,
да не стане
забуна,
каде вие вјасате:
на која Бабуна?

Ако сте за
реката,
повелете в поле,
ако сте за
планината –
пат ве чека
голем!
Треба да
се качите
на високо, горе;
Бабуна е планина,
ко зелено море!

Руен

Не е многу свиден,
ниту пак е чуен,
ама, сепак, мислам –
Руен си е Руен!

Кочани и Кочанско,
од старо до дете,
о, колку го сакаат –
руенскиот ветер!

Руен е руј-румен,
рујноста го краси,
од врв горе високо –
зората се гласи!

Сува гора

Штом ќе чуеш:
Сува Гора,
ќе те мачи –
тешка мора!
Од жед голем –
коњче ‘ржи
на врв горе –
камен пржи!

Штом ќе чуеш:
Сува Гора,
суви мисли –
ќе те морат!


За авторот

Саво Костадиновски е македонски и германски поет, раскажувач, патописец, публицист, писател за деца и возрасни, препејувач.
Роден е во 1950 г., во с. Горно Ботуше, Македонски Брод. По катастрофалниот земјотрес во Скопје, во 1963 година, живее на повеќе места на просторот на бивша Југославија. Од 1971 година живее и работи во Келн, Германија. Завршил средно техничко училиште во Белград и трет степен за технички инженер во Келн.
Добитник е на наградата „Иселеничка грамота“ од Матица на иселениците на Македонија, како и на награда од Сојузот на германските писатели.
Негови творби се објавувани во списанија за деца и возрасни во Македонија, а преведуван е на српски, хрватски, германски и на романски јазик. Застапен е во антологии.
Меѓу другите, автор е на делата: „Лето во родниот крај“, „Кафез без птици“, „Децата на светот“, „Македонски знаменитости“, „Со татковината“, „Трите века“, биографски хронолошки роман за возрасни, книгата „На Македонија со љубов“ и многу други.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 1989 година, а на Сојузот на писателите на Германија од 1993 година.