Од творештвото за деца на писателката ЛилА Арсова

Некогаш, не многу одамна, постоело царство. Во него сите куќички биле со црвени покриви од најслаткиот мармaлад од сливи. Дворовите биле украсени со најубавите и најмирисливи цвеќиња. Во секој двор задолжително имало по едно дрво цреша за да можат децата да се насладуваат во мирисот и плодовите на црвените обетки, кои гордо ги закачувале на своите уши.
Луѓето во тоа царство биле секогаш насмеани и среќни.
Децата на главите носеле зелени капчиња. Сите деца имале и жолти блузи и сини пантолони или фустанчиња во некоја од тие бои.
Во тоа царство царувал царот Сон со неговата сопруга, царицата Надеж и нивната мала ќеркичка Мечта.
На сите луѓе во царството безгрижно им минувале дните. Секој од возрасните ги исполнувал своите обврски. Децата безгрижно и среќно си играле надвор во дворовите, на улица и по полјаните.
Но во тоа царство живеело и семејство што имало едно малечко синче. Кога навечер доаѓало време за спиење, нивниот син никогаш не сакал да заспие. Долго во ноќта родителите му раскажувале најразлични приказни и бајки, мајката ги пеела сите приспивни песни што ги знаела или измислила, но никако не успевале да го заспијат својот син единец.
Следниот ден уморни би поаѓале на работа и незадоволни родителите го минувале денот. Сè повеќе биле нерасположени затоа што никогаш не можеле да се наспијат и да се одморат поради малиот палав син, кој никогаш не сакал да спие. Тоа го забележале и другите жители, па одлучиле да побараат совет и помош од нивниот цар, мудриот Сон и неговата царица Надеж.
Ги повикал царот кај себе и ја ислушале со царицата нивната мака. Тогаш царот рекол дека ќе му го прати сонот на нивниот син. Царицата замавнала со своето волшебно стапче и ја испратила надежта да ги следи родителите секаде каде што тие ќе го минуваат нивното време. Надежта од тој миг како сенка почнала да ги следи родителите и да не се одвојува ни за миг од нив.

Родителите среќни се вратиле во домот заедно со своето мало синче во надеж дека конечно ќе можат и тие мирно да спијат како сите други луѓе.
Малата принцеза го слушнала целиот разговор со родителите скриена зад големата врата во одајата. Кога вечерта нејзините родители легнале да спијат, таа крадешкум го зела мајкиното волшебно стапче. Излегла на терасата од дворецот, замавнала неколку пати со стапчето и рекла:
– Секој ноќва нека мечтае, нека се надева и нека сонува!
Се вратила назад, го оставила волшебното стапче покрај креветот на својата мајка и отишла во својата соба задоволна од својата постапка.
Кога сонцето утрото огреало, во царството сите луѓе биле необични. Секој нешто мечтаел, сонувал и се надевал. Никој таа ноќ, ни наредните денови не можел да заспие. Луѓето престанале да ги исполнуваат своите обврски и да работат. Мајките повеќе не се грижеле за своите деца ниту пак нешто работеле. Постојано седеле замислени и за нешто мечтаеле.
Не само возрасните, за жал, и децата станале чудни. Никој веќе не се смеел, не си играл, секое од децата било незадоволно и сонувало со отворени очи за некоја нова игра што никој ја немал дотогаш видено, ниту пак играно.
Кога во неделата се собрале сите на неделен ручек во царството, царот забележал дека нешто чудно се случува. Ја повикал својата царица да му помогне да го решат проблемот што настанал. Кога ги видела луѓето, и царицата не можела да се сети што можело да се случи и зошто сите се однесуваат невообичаено.
Поминале неколку дена, но царот и царицата не знаеле како да им помогнат на луѓето во царството. Царот го повикал и стариот мудрец да се посоветува и да изнајдат решение, но и тој не можел да помогне. Се сложиле и двајцата дека некоја чудна магија се спуштила во нивното царство.

Еден ден царицата излегла со својата ќерка на блиската полјанка за малата принцеза да си поигра со другите деца. Децата само шетале наоколу и не играле ништо, само незадоволно се шетале горе-долу. Царицата се изненадила кога видела како се однесуваат децата и уште повеќе се загрижила. Единствено, среќен помеѓу нив бил синот што никогаш не сакал да спие.
Го повикала царицата Надеж и заедно со малата принцеза Мечта седнале под сенката на високата цреша. Тогаш царицата го запрашала детето:
– Кажи ми зошто не сакаш да спиеш, да бидеш како сите други деца? Сонот им е потребен на сите, ноќта и сонот ни требаат на сите да можеме убаво да се одмориме!
Малото дете, кое многу сакало да мечтае, не одговорило ништо, тоа ја прашувало малата принцеза:
– Од каде доаѓа ноќта, знаеш ли зошто мора да се спие секогаш само навечер, од каде доаѓа светлината?
– Не знам! – промрморила малата принцеза.
– Зошто кога спиеме сонуваме, зошто се надеваме дека утре ќе се случи нешто многу, многу убаво? – продолжило момчето со прашањата.
Ни принцезата Мечта не ги знаела одговорите на прашањата, па побарала помош од нејзината мајка.
Царицата била изненадена од прашањата што ги поставило малото дете. Таа мудро одговорила:
– Секое прашање има и одговор, затоа стрпи се до вечер, ќе го замолам твојот татко да ви ги даде одговорите на сите прашања!
Останале уште малку надвор, а потоа заедно се вратиле во дворецот.
Кога се вратиле, царицата сè му раскажала на царот Сон и го замолила да поразговара со децата. Царот и царицата отишле заедно во собата каде што си играле децата и царот им рекол:

– Твојата мајка ми раскажа како сте си поминале денес, јас сум изненаден од вашите прашања! – рекол царот. – Но, сега седнете, па полека сè ќе ви раскажам. Драга ќерко, само прво ќе мораш да ми признаеш една твоја тајна!
Малата принцеза посрамено, со наведната глава им признала што направила со волшебното стапче. Царицата мајка веднаш отишла во одаите да го земе своето волшебно стапче и се трудела да ја поправи грешката на својата ќерка. Замавнувала со стапчето и ги изговарала волшебните зборови:
– Ноќе сите да спијат, децата да мечтаат во сонот, а возрасните да се надеваат!
Повторно царството потонало во длабок спокоен сон. Дури и цвеќињата, инсектите и животните потонале во длабок сладок сон.
Само детето што не сакало никогаш да спие, иако ги облекло шарените пижами и ја ставило својата црвена капа, не спиело во дворецот. Тоа и малата принцеза Мечта сè уште чекале одговор на прашањата од царот Сон. Многу сакале да слушнат што ќе одговори мудриот цар Сон на прашањата и не можеле да заспијат. Со широко отворени очи седнале во блиската фотелја, ја навалиле главата на двете раце и нестрпливо чекале царот да почне да раскажува и да им го каже одговорот.
Царот Сон ја соблекол својата наметка со волшебна прашина и во тој миг двете деца веднаш потонале во сон.
Двајцата сонувале чуден сон. Од небото на скали од волшебна прашина полека се симнувал мракот и доаѓал во секој дом, до секој кревет. Со него се симнувале и малечки џуџиња, кои со своите волшебни стапчиња околу креветот секому му постилале волшебна прашина што ќе им даде спокоен сон. Во сонот ќе сонуваат за своите мечти и желби. Сонот ќе им даде сила во новиот ден повторно да работат и да ги остварат своите соништа и желби. Децата повторно ќе имаат сила и желба да си играат, да истражуваат, да учат. Сонот им е неопходен и да растат како што секојдневно растат и нивните потреби и желби.

(Од книгата „Приказни од мојот крај“)