Компанијата „Аптроник“ претстави нов хуманоиден робот по име Аполо. Станува збор за машина што е дизајнирана да работи и која може да работи за или со луѓе. Роботот првично е наменет за движење и носење предмети во производствени средини, но подоцна ќе се користи во градежништвото, индустријата за нафта и гас, производство на електроника, малопродажба, испорака до дома и нега на стари лица. Аполо доаѓа по роботот Сајбер Уан на „Шаоми“ претставен минатата година, кој е сличен на сè уште неофицијалниот Тесла бот.

Аполо е висок околу 172 сантиметри и тежи нешто повеќе од 72 килограми, а може да носи товар од 25 килограми. Компанијата ја оптимизира ефикасноста со тоа што ги направи рацете на роботот полесни од товарот што може да го подигне. Аполо користи заменливи батерии што траат до четири часа.

„Аптроник“ го гледа Аполо како робот, кој може да се приспособи на работата. Благодарение на неговата модуларност, роботот им овозможува на корисниците да одлучат дали да го користат за своите цели како вистински двоножен хуманоиден робот, како работно торзо на тркала или како торзо поставено на статична локација.

Аполо има дигитални панели на лицето и градите за да понуди „пријателско, човечко лице“ и да им овозможи на работниците да се чувствуваат удобно да работат покрај него.