Македонската претставничка во Торино била 11-та во второто полуфинале
Македонската претставничка Андреа Коевска, која за жал, не се пласираше во финалето на „Евровизија“, според објавената листа на официјалниот евровизиски сајт завршила 11-та во полуфиналето на музичкото натпреварување. Згора, Македонија била 10-та според гласовите од жири-комисиите, но 11-та според публиката, што е одлучувачко според пропозициите. Ваквата тесна елиминација досега повеќепати им се случи на македонските претставници, на кои за влакно им избега финалето.
Тамара Тодевска во 2019 година и Калиопи во 2012 година се последните македонски претставници на „Евровизија“ што обезбедија пласман во финалето. Пред нив Македонија имаше успешна низа со четири последователни пласмани во финалето од 2004 до 2007 година, преку Тоше Проески, Мартин Вучиќ, Елена Ристеска и Каролина Гочева.
Освен тоа, се сметаше оти Македонија се најде во посилна конкуренција во втората полуфинална вечер, во рамките на која имаше и една песна повеќе – 18, во однос на првото полуфинале.
Андреа и покрај сите непријатни случки и случајот со државното знаме, имаше одличен настап и песната „Circles“ на Александар Масевски ја изведе многу емотивно и моќно на евровизиската сцена, за што доби комплимент и од водителката на изборот, Лаура Паузини, инаку позната италијанска пејачка. Всушност, според бројните реакции, се смета дека македонската претставничка испеа многу подобро од повеќето финалисти.
Останува надеж дека во иднина скандалите и малерите на „Евровизија“ ќе бидат минато за претставниците на Македонија, кои ќе бидат избирани на вистинскиот начин и кои неоптоварени со други проблеми, ќе имаат единствена задача што подобро да ја претстават Македонија на „Евровизија“. М.Т.