Фото: Твитер/ЕБУ

Украинскиот фолк-рап бенд Калуш Оркестра победи во синоќеното финале на „Евровизија“ откако европската публика и националните жири-комисии покажаа симболична солидарност за Украина додека државата е зафатена од војна. Калуш Оркестра беше сметан за главен фаворит и пред натпреварувањето, на кое отпатува со специјална дозвола од украинските власти. Токму затоа, украинскиот успех предизвика поделени мислења, отворајќи го прашањето дали песната „Стефанија“ навистина заслужила да победи.

Многумина во победата на Украина гледаат доказ оти престижното музичко натпреварување осмислено за промоција на европското единство и културна размена, всушност, никогаш не бил одделено од политиката, иако прописите им забрануваат на учесниците да даваат политички изјави за време на манифестацијата. Наспроти напорите на организаторот, се стекнува впечаток дека учесниците се подготвени да го користат натпреварувањето за политички цели.

– Најапсурдното, безначајно, политички мотивирано „натпреварување“ на светот се надмина себеси. Украина можеше да испрати и херојски кучиња-трагачи за експлозив да ја лаат националната химна и ќе победеше. Среќен сум за нив, но ве молам престанете да ја нарекувате „Евровизија“ натпреварување. Тоа е наместена фарса – остар беше познатиот британски водител Пирс Морган на Твитер, коментирајќи ја победата на Украина.

Други, пак, го бранат триумфот на Украина, сметајќи ја за достоен победник.

– Нема да се двоумам да ги нападнам сите што велат дека „Украина победила само поради војната“. „Стефанија“ е добра песна и заслужен победник, без разлика на ситуацијата во државата – се вели во друг коментар на Твитер.

Победничката песна „Стефанија“ беше напишана од фронтменот на бендот, Олех Псиук, во чест на неговата мајка, но за време на војната доби поинакво толкување, во чест на Украина како татковина, со стиховите „не можете да ја одземете мојата волја што ја добив од неа“ и „секогаш ќе го пронајдам мојот пат до дома, дури иако патиштата се уништени“. Згора, Псиук по синоќешниот настап апелираше за помош на Украина, што наиде на одзив од европската публика од која бендот доби 431 глас од можни 468, за да триумфира со вкупно 631 поен.

– Победата е многу важна за Украина, особено годинава. Во последно време, украинската култура беше нападната и ние сме тука за да докажеме дека украинската култура и музика се живи и оти имаат сопствен убав печат – кажа Псиук на прес-конференцијата по финалето.

Украина победи и во 2016 година со нумерата „1944“ на Џамала која пееше за кримските Татари за време на Втората светска војна, што беше протолкувано како коментар на руската инвазија на Крим што се случи две години претходно. Во 2005, пак, Украина го измени текстот на нејзината песна бидејќи се сметаше за претерано политички, славејќи ја „портокаловата револуција“ што се случи во државата.

Тековната војна влијаеше врз повеќе аспекти од учеството на Украина, односно на Калуш Оркестра на „Евровизија“. Украинскиот коментатор на шоуто, Тимур Морошниченко, го следеше преносот од засолниште на неименувана локација, што Европа го виде при објавата на украинскиот радиодифузен сервис. Тој се наоѓал во специјално подготвен бункер отпорен на надворешните звуци од воздушните сирени. Морошниченко во солзи ја дочека победата на Калуш Оркестра, посведувајќи го нивниот успех на украинската армија.

Тимур Морошниченко ја следеше „Евровизија“ во засолниште

Згора, сите членови на Калуш Оркестра не беа присутни во Италлија. Славик Хнатенко, кој е задолжен за социјалните мрежи на бендот, се бори во Украина. Тој нагласи дека појавувањето на групата на „Евровизија“ е еднакво важно како и неговото учество во војната.

Псиук информираше дека членовите на Калуш Оркестра по „Евровизија“ ќе се вратат во Украина, каде што тој води организација за пружање на медицинска помош, транспорт и сместување за народот.

Останува прашањето каде ќе се одржи следниот избор на „Евровизија“, бидејќи е традиција земјата-победник да го организира изборот наредната година. Украинскиот претседател Владимир Зеленски веќе изјави дека Украина ќе биде домаќин на „Евровизија“ во обновениот Мариупол. М.Ж.