Андреа во Израел

Македонската евровизиска претставничка Андреа продолжува со настапите низ Европа. Во последните десетина дена таа настапи на двете најголеми предевровизиски забави, во Лондон и во Тел Авив, а ѝ претстои и настап на официјалната евровизиска забава во Мадрид, Шпанија.

Публиката во Лондон и Тел Авив одлично ја прифати, што се гледа и по бројните комплименти за нејзината вокална изведба на онлајн платформите каде што се поставени нејзините изведби во живо.

– Премногу сум изненадена од позитивната енергија и големата дружба меѓу изведувачите тука. Посакувам еден ден сите да можете да доживеете една ваква авантура како оваа нашата – изјави Андреа од Тел Авив.

Во земјата која живее за Евровизија, Израел, Андреа настапи во „Менора Мивтахим“ арената на чијашто сцена застанале светски музички имиња како Скорпионс, Род Стујарт, Синди Лопер, Алиша Кис, Шон Пол, Хулио и Енрике Иглесијас и многу други. Во салата со концертен капацитет од повеќе од 5.000 гледачи, Андреа самоуверено ја изведе „Circles“ во живо за евровизиските фанови, кои несебично аплаудираа уште по првиот рефрен.

Во склоп на настанот „Израел колинг“ беше организирана и посета на стариот град Ерусалим.

Пред заминувањето за Торино, Италија, во мај, Андреа ќе учествува и на предевровизискиот настан во Мадрид, Шпанија, кој ќе се одржи следниот викенд, со два големи концерти во „Сала ла ривиера“.

За разлика од меѓународната активност на Андреа и на целата евровизиска делегација на МРТ, песната во Македонија не може често да се слушне на радиостаниците, а скоро и да нема настапи каде македонската евровизиска претставничка пеела пред домашна публика, ниту пак е одржана било каква средба со новинарите.

Исто така државите на некогашна Југославија се на дното според прогнозите на обложувачниците, поточно Хрватска котира на 33. место, а Црна Гора и Македонија на 35-то, додека за Словенија се претпоставува дека ќе биде 39-та. Најдобро котира преставничката на Сарбија, Констракта, која во моментот е на 15-то место на обложувачниците за пласманот на „Евровизија“, со големи шанси за влез во финале со уникатната песна „ In corpore sano“.

Преставниците на Македонија, Хрватска и на Црна Гора на евровизиската сцена ќе пејат на англиски јазик, а на Србија и Словенија на мајчиниот српски, односно словенечки јазик. М.Т.