Не е тајна дека кафето им носи радост на луѓето низ светот. Ја загрева душата, ни помага да се концентрираме, ги зближува луѓето, а да не зборуваме за прекрасниот мирис и неговиот неодолив вкус. Истражувачите од Универзитетот во Копенхаген истражувале дали додавањето малку млеко во кафето е добро за нашето здравје.
Науката покажа дека само мирисот на кафето може да направи да се чувствуваме будно, а за среќа на љубителите на кафе, утврдени се и здравствени придобивки. Кафето е извор на антиоксиданти што се борат против воспаленијата, а пиењето пред вежбање помага да се забрза согорувањето на мастите. Сега една нова студија сугерира дека додавањето малку млеко богато со протеини може да ги зголеми здравствените придобивки од шолја кафе.
Истражувачите од Универзитетот во Копенхаген во Данска испитувале како антиоксидантите наречени полифеноли комуницираат со аминокиселините, градежните блокови на протеините, и откриле дека нивното комбинирање има двојно поголем ефект во борбата против клеточното воспаление отколку самите полифеноли.
Полифенолите може да се најдат во многу намирници, вклучувајќи ги кафето и чајот, овошјето и зеленчукот, црвеното вино и пивото. Како и другите антиоксиданти, претходните студии сугерираат дека некои полифеноли можат да ја спречат и забават оксидацијата на здравите хемикалии и да го заштитат нашето тело од болести. Се смета дека тие го прават ова делумно преку контролирање на воспалението, комплексен имунолошки одговор што вклучува клетки наречени макрофаги, кои ослободуваат неколку медијатори на воспалението. Воспалението помага да се заштити од инфекција, но ако не се контролира правилно, може да доведе до болести како што се дијабетес тип два, Алцхајмерова и Паркинсонова болест.

Што вели хемијата?
Кофеинската киселина (CA) и хлорогената киселина (CGA) се полифеноли за кои е добропознато дека имаат антиоксидантни и антиинфламаторни ефекти, но авторите сакаа да знаат дали реакциите на овие полифеноли со други хемикалии можат дополнително да влијаат на регулирање на имунитетот.
Адуктите се производи што се формираат кога две или повеќе молекули се спојуваат заедно. Во овој случај, аминокиселината цистеин (Cis), која се наоѓа во млечните производи – беше комбинирана со полифенолите CA и CGA – кои се наоѓаат во кафето – за да се направат адукти CA-Cis и CGA-Cis.
За да го поддржат ова истражување, авторите успешно демонстрираа во последователна студија дека полифенолите се врзуваат за протеините во напитокот од кафе со млеко.
– Нашиот резултат покажува дека реакцијата помеѓу полифенолите и протеините се јавува и во некои пијалаци од кафе со млеко што ги проучувавме. Всушност, реакцијата се случува толку брзо што беше тешко да се избегне некоја од намирниците што ги проучувавме досега – вели технологот за преработка на храна и коавтор на двете студии Маријана Нисен Лунд.

Можеби е подобро да додадете малку млеко
Во оваа студија, истражувачите користеа секвенционирање на РНК за да ги проучат имунорегулаторните ефекти на CA-Cis и CGA-Cis во клетките на макрофагите подложени на вештачко воспаление. Тие исто така ги тестираа ефектите на CA и CGA и ги споредија со контролната група на макрофаги што не беа изложени на полифеноли или адукти Cis.
Како што се очекуваше, полифенолите CA и CGA ги инхибираат воспалителните одговори, особено производството на реактивни видови кислород, простагландин Е2 и цитокините интерлеукин-6 и факторот на туморска некроза.

Допрва треба да дојде до дополнителни истражувања
– Интересно е што сега забележавме антиинфламаторно дејство во експериментите со клетките. И очигледно, ова само нѐ натера да се заинтересираме подетално да ги разбереме овие здравствени ефекти. Така, следниот чекор ќе биде проучување на ефектите кај животните – вели имунологот и ментор на студијата Ендрју Вилијамс.
Потребни се дополнителни истражувања за да се открие зошто и што значат овие резултати во практика за здравјето на луѓето. Оваа студија испитуваше само како еден тип на имунолошки медијатори реагира на хемикалии слични на кафе во лабораториски услови.
– Нашите резултати може да се користат како важна референца во примената на адуктите формирани од фенолни соединенија и аминокиселини во идна функционална храна или медицински производи насочени кон модулирање метаболички, невролошки или болести поврзани со имунитетот – заклучуваат истражувачите во својот труд.