Првата од годинашните хрватски музички награди „порин“, наградата за животно дело, постхумно ќе му биде врачена на легендарниот лидер на „Парни ваљак“, Аки Рахимовски.
– Поради сплет на несреќни околности, годинашната прва награда за животно дело „порин“ му се доделува постхумно, предоцна и сè уште под впечаток и во тага, на Аки Рахимовски – пишува на официјалната интернет-страница на наградите „порин“.
Како што објаснија од хрватското музичко друштво „Унисон“, постои златно правило кога се доделува наградата „порин“ постхумно, а познато е дека може да ја добијат само оние што навистина ја заслужиле со својата голема кариера, а не ја добиле додека биле живи само затоа што сѐ уште биле премногу активни, успешни и млади.
Тие во својата изјава објаснија како ова признание му припадна на Аки.
– Едноставно, сè уште не му беше редот да се качи на сцената на „Порин“ и лично да му се врачи долго заслужената награда за животно дело – велат тие.
Аки беше некој што почна од нула, а потоа влезе во историјата на хрватската рок-сцена. Роден е во 1955 година во Ниш, а многу брзо потоа се преселил во Скопје. Бидејќи неговиот татко бил професор по музика, Аки започнал да оди во музичко училиште на седумгодишна возраст, посетувајќи пијано и пеење.
Бил член на повеќе музички состави, но за неговиот животен успех е заслужен моментот кога заедно со Хусеин Хасанефендиќ-Хус, кого го запознал во 1975 година, и Јурица Паѓен го основал „Парни ваљак“. Групата важи за еден од најголемите бендови во поранешна Југославија, а до денес има издадено над 15 албуми и има одржано илјадници концерти низ светот.