Еден од најголемите рокенрол-состави на сите времиња, член на големата петорка („Битлси“, „Ролинг стоунс“, „Пинк флојд“, „Лед цепелин“ и „Дип парпл“), ќе одржи голем концерт на 28 мај на стадионот на АРМ во Скопје.
Актуелните членови, Иан Гилан, Иан Пејс, Роџер Гловер, Стив Морс и Дон Ери, пленат со својата потентност (четири студиски албуми во последните десет години), а потоа и со непрекинатото одржување турнеи низ сите континенти, за кои критиката е едногласна дека „како што времето проаѓа, така овие луѓе сѐ подобро и подобро свират во живо“.
Македонската и регионалната публика ќе можат во живо да ги слушнат класиците: „Smoke on the water“, „Hush“, „Strange kind of woman“, „Woman from Tokyo“, „Knocking at your back door“, „Highway star“ и уште многу други хитови што го обележаа петдецениското постоење на овој култен и легендарен бенд во музичката историја, кој со тоа што го работи во моментов е цврсто позициониран со своите нови албуми во сегашноста.
Доволно е само да се каже името на продуцентот на последниот албум „Turning to crime“, Боб Езрин – човек што како продуцент потпишува албуми на: „Аеросмит“, „Пинк флојд“, Лу Рид, Питер Габриел, Андреа Бочели и други понови бендови, како „30 секндс ту Марс“ и „Дефтонс“.
– Навистина е раритетна можноста во една сезона да можеме да ги видиме и „Дип парпл“ и „Вајтснејк“ во Скопје, со што се надеваме дека ја исполнивме желбата (заедно со концертот на „Плацебо“) во Македонија да има повеќе рок-концерти отколку во изминатиот период – велат од продукцијата „Авалон“.