Супер-реалистичните маски произведени од мала компанија во рурална Јапонија го репродуцираат човечкото лице до ситни детали, како што се брчките и текстурата на кожата, пренесува „Њујорк пост“. Една маска, која чини 2.650 долари, е произведена од смола и од пластика.

Основачот на компанијата Осаму Китагава дошол до идејата додека работел во фабрика за произведување принтери. Му биле потребни две години за да го усоврши процесот, користејќи софтвер и фотографии со висок квалитет, пред да почне да ги продава маските во 2011 година. 

Компанијата која се наоѓа во Оцу, западна Јапонија, добива околу 100 нарачки годишно од технолошки, безбедносни и од компании за производство на автомобили. Една јапонска компанија нарачала маска од лице кое спие, со цел да ја подобри технологијата на возилата што служи за откривање кога возачот ќе задреме.

– Горд сум што моите производи помагаат за развој на технологијата за софтвер за препознавање на лицето. Се надевам дека реалистичните маски ќе помогнат во подобрување на прецизноста за идентификација на лицето – вели Китагава.

Шеесетгодишниот Китагава вели дека внимателно работи со клиентите за неговите маски да не бидат употребени незаконски и да не предизвикаат ризик и опасност во безбедноста. Неговата цел е да постигне потполно реалистична маска и во иднина да почне да користи помеки материјали како што е силиконот.

– Сакам маските да бидат користени за медицински цели, а тоа ќе биде возможно кога ќе бидат направени од помеки материјали. Исто така, во индустријата за производство на хуманоидни роботи, се надевам дека нашите производи ќе им помогнат на дизајнерите за да создадат пореалистични роботи за пониска цена – истакна Китагава.