Пионерите на македонскиот хипхоп „Чиста околина“ се враќаат на музичкатa сцена преку серија од неколку изданија за „Филтер лејбл“. Точно 25 години по објавувањето на култниот деби-албум „Новиот аспект на старата школа“, тие се конечно подготвени да го претстават долгоочекуваниот нов материјал. Станува збор за обемна колекција песни, распоредени на три нови албуми.
Првиот од нив, „Avantgarde Fatiguée“, ќе излезе во мај, а ќе биде најавен со два сингла. На дигиталните музички сервиси деновиве се појави експлозивната „Си играме со рапот“, која пред пет години послужи како симболично видеоодбележување на дводецениското постоење на рап-колективот.

Во оваа пригода, за нејзиното премиерно официјално објавување на музичкиот пазар, песната доби нов микс и мастер, направен од Оливер Димитров, кој ја потпишува продукцијата на целиот албум.
На песната гостуваат: Гоце Стевковски (тапани), Ѓоле Максимовски (бас гитара), Сеад Хаџиќ-Сецко (електрична гитара), Елена Васова (вокал) и диџеј Славе (скречови).
„Си играме со рапот“ е повеќе од соодветна илустрација за она што може да се очекува од новиот материјал, стилска шареноликост без никакви предрасуди и врвна рецитаторска и свирачка форма. Следниот сингл излегува во март.