Кафето без кофеин е навидум одлично решение за оние што имаат проблеми со спиењето. Пијалакот дури многу го препорачуваат и за бремените жени што треба да го следат внесувањето кофеин. Но што ако една чаша кафе без кофеин е полна со опасности за кои не знаеме ништо? Тешко е да се замисли дека алтернативата на обичното кафе може да биде опасна за консумирање, но по тврдењата на неколку нутриционисти и лекари, се откриваат голем број несакани ефекти што влијаат на промената на ставот. Зрното од кафе природно содржи кофеин, а овој стимуланс тешко се отстранува природно.
– Зрната се потопуваат во хемиски раствор што го извлекува кофеинот. Некои од овие хемикалии се истите што ги користиме во средствата за разредување бои и во средствата за отстранување лакови за нокти – предупредува докторот Вилијам Ли, медицински директор на Фондацијата за ангиогенеза.
Иако Агенцијата за храна и лекови на САД ги прогласи овие хемикалии за безбедни во отстранувањето на кофеинот од кафето, особено дихлорометанот, сепак тие доведуваат до голем број здравствени ризици. Дихлорометанот не е лесна хемикалија. Д-р Рашими Бајакоди истакнува дека вдишувањето предизвикува иритација на носот и грлото и влијае на нервниот систем.
– Дихлорометанот е потенцијален мутаген и ние оправдано го сметаме за канцероген за луѓето – додава Бајакоди.
Покрај хемикалиите, под прашалник е и самиот процес на декофенизација. Некои студии покажаа потенцијален ризик од развој на ревматоиден артритис. Откриено е дека постапката го зголемува нивото на масни киселини и со тоа влијае на метаболичкиот синдром и развојот на ризикот од срцеви заболувања.
За кафето без кофеин најчесто се користат зрна кафе робуста. Тие содржат масти што го стимулираат производството на масни киселини во организмот.
Покрај очигледните придобивки од консумирање природни супстанции, обичното кафе има и низа здравствени придобивки што ги нема кафето без кофеин.
– Природните биоактивни компоненти на кафето го зајакнуваат нашиот имунолошки систем, но тие се губат за време на процесот на отстранување на кофеинот – велат експертите.