Во Нова Градишка, Хрватска, на шеталиштето „Новоградишки куриозитети“, денеска во 17 часот беше откриен споменик посветен на нашата најголема ѕвезда Тоше Проески, чиј живот згасна токму тука пред 14 години во тешка сообраќајна несреќа.

Оттогаш па сѐ досега маратонци трчаат меморијален маратон Нова Градишка – Крушево, а на 16 октомври, пречекани со рози од крушевчани тие го пoсетуваат вечното почивалиште на Проески. Општината Нова Градишка постави спомен плоча за балканскиот ангел во дворот на Економското училиште, но жителите на овој хрватски град ја подржаа и иницијативата, која потекна од компанијата „Техникс“ и нејзиниот претседател Ѓуро Хорват. Тој вели дека самата идеја и одлука да се направи камена статуа на Тоше Проески, е знак на љубовта и почитта кон Проески но и кон целиот македонски народ.

На откривањето на споменикот попладнево присуствуваа нашиот амбасадор во Хрватска, Милаим Фетаи, градоначалникот на Нова Градишка, Винко Гргиќ, градоначалникот на Крушево, Томе Христовски, ветераните на македонската ракометна репрезентација на чело со Пепи Манасков и граѓани на Нова Градишка.

– Статуата е дело на уметникот Славко Буниќ, а покрај тоа што е симбол на пријателството меѓу Нова Градишка и Крушево, постојаниот лик на Тоше Проески ќе нѐ потсети на неговата уметност, музика и чувствата кои неговата музика ги предизвикува во нас – вели Гргиќ.

Градоначалникот Гргиќ изјави и дека една несреќа направи два народа, македонскиот и хрватскиот, и две општини, Крушево и Нова Градишка, да се запознаат и да соработуваат благодарејќи на песните на популарниот македонски поп пејач.

– Она што нѐ поврзува со Нова Градишка е трагедијата на пејачот и наш сограѓанин Тоше Проески. Но, заедно сите сме негови обожаватели и сега и пред неговата смрт. Да се потрудиме да го продолжиме неговото дело, а тоа е добри дела, љубов и толеранција. Тоше вечно ќе живее во нашите спомени. Нека живее нашето пријателство и натаму, нека живее и споменот за Тоше преку овој споменик. Слава му – изјави Христовски.

Амбасадорот Фетаи потсети на мисијата на Тоше, кој со својата песна и неизмерна љубов која ја ширеше насекаде, во текот на неговиот краток животот, а особено по трагичната смрт, придонесува за градење на мостови меѓу македонскиот и хрватскиот народ.

М.Т.