Новиот албум на Горан Трајкоски со оригинална музика создадена за филмот „Ругање со Христос“ на режисерот Јани Бојаџи ќе биде промовиран во просториите на продукцијата „Пасворд“, во сабота во 19 часот. На настанот по промотивна цена ќе може да се набави и цеде од албумот на кој се најдоа 12 оригинални песни создадени за филмот. Дел од нив посетителите ќе можат да ги слушнат во живо, а со Горан Трајковски ќе свират Петар Христов, Ана Митоска, Мите Димовски, Игор Василев, Благоја Неделковски и Сеад-Сецко Хаџиќ.

„Скомраси апсурдистански“ е трет соло-проект на Трајкоски, а зад себе има и 12 изданија со други музичари и бендови.

Освен што пишува театарска и филмска музика, Трајковски е и инструменталист, вокален интерпретатор, основач и композитор во рок-групите: „Падот на Византија“ и „Анастасија“, како и соработник на неколку дискографски изданија и многубројни јавни настапи во Македонија и низ Европа, на повеќе групи и музичари меѓу кои: „Мизар“, Кирил Џајковски, Елена Христова, Александар Вељанов, „Мугер Фугер“ и др.

Студирал англиски јазик и книжевност на Филолошки факултет во Скопје, а музички се образувал во училиштето на Пеце Атанасовски, како и преку соработка и менторство на врвните народни уметници на полето на македонскиот фолклорен звук: Вања Лазарова и Никола Цветковски. Под менторство на отец Владимир и отец Стефан Санџакоски, како и при престоите во духовните манастирски центри во Македонија и регионов, Горан го совладал и традиционалното источно и македонско црковно пеење.