Приближно на 161 ден, од вселената пристигнуваат мистериозни сигнали. Неодамна астрономите повторно забележале брз радиосигнал познат како ФРБ 121102, кој се повторува во правилен образец и доаѓа од космосот. Ова е вторпат да биде откриен радиосигнал со препознатлив и повторувачки примерок. Првпат бил откриен во февруари годинава, а астрономите предвиделе дека повторно ќе се јави во август, а тоа и се случи.
ФРБ се радиосигнали со бранова должина меѓу фракциите од милисекунда или неколку милисекудни. Научниците сѐ уште не сфатиле што претставуваат и зошто постојат, но изворот на овој сигнал е познат и тоа е џуџестата галаксија, оддалечена три милијарди светлосни години од Земјата. Првобитно се претпоставуваше дека радиосигналот од вселената – ФРБ 121102, се повторува секои 157 дена, со оглед на податоците собрани во текот на период од пет години, кои исто така неодамна се објавени во научната литература.

Во меѓувреме е направена нова студија што треба да биде објавена, која го коригира временскиот интервал во кој се јавува сигналот ФРБ 121102 на Земјата, а сега тој интервал е 161 ден, плус-минус неколку дена толеранција.
Со оглед на тоа дека се работи за повторувачки сигнал, научниците сега можат поефикасно да ја предвидат неговата активност, но и потенцијално да стекнат нов увид во неговото потекло.
Првото истражување го спроведе Каустуб Рајваде од Универзитетот во Манчестер, кој верува дека изворот на сигналот би можела да биде неутронска ѕвезда во споменатата џуџеста галаксија.

– Со оглед на краткотрајноста и големата осветленост на самите радиосигнали, веродостојна претпоставка би била дека станува збор за неутронска ѕвезда со многу силно магнетно поле и во орбита со сличен објект – вели Рајваде.
Изворот веројатно не се вонземјани, а астронаутите веруваат оти сигналот доаѓа од природен извор.
– Мислам дека постои природно објаснување за овие настани, но ќе се движам онаму каде што доказите ќе ме однесат – изјавил астрофизичарот Адам Делер.