Oблакодер што изгледа како куп наредени кутии ќе стане заштитен знак на Мајами. Ќе биде дом на новиот хотелски комплекс „Валдорф асторија“, но ќе има и приватни резиденции.
Девет стаклени коцки ќе ја трансформираат панорамата во Мајами и ќе ја направат целосно различна од преостанатата архитектура на источниот брег. Почетната цена на становите ќе биде еден милион долари, а веќе се прават резервации.
Ова ќе биде највисоката зграда во Мајами – ќе биде висока 320 метри и ќе има 100 ката. Во неа ќе се сместат хотел и 360 апартмани со првокласни услуги и удобности, кои вклучуваат салон, ексклузивен ресторан, простории за настани, базен, како оние во познатите летувалишта, со кабини за релаксација, како и спа и фитнес-центар.
Резиденцијата „Валдорф асторија“ е создадена од ПМГ, „Хилтон“ и други приватни инвестициски фирми. Тоа ќе биде највисоката станбена зграда јужно од Њујорк. Покрај приватни апартмани, во зградата ќе има и 205 хотелски соби и апартмани во хотел со пет ѕвезди.