Во 2009 година, семејството Асфуроглу започна со изградба на она што требаше да биде нов луксузен хотел во Антакија, Турција. Но кога работниците се пробија во земјата, тие открија антички урнатини од Антиохија, важен римски град, кој некогаш стоел во близината на центарот на модерната Антакија, открива Си-ен-ен.
– Откритието ги наруши оригиналните планови на хотелиерите за изградба на „градски бетонски хотел со 400 соби“ – вели Сабиха Асфуроглу Абашоглу, извршен директор на Одделот за туризам и хотели на групата „Асфуроглу“.

Многумина би го напуштиле проектот уште веднаш, но семејството одлучи да ги зачува археолошките богатства интегрирајќи ги во луксузниот хотел. Единаесет години подоцна, музеј-хотелот „Антакија“ со 200 соби, конечно ги отвори своите врати. За жал, за кратко време беше повторно затворен поради пандемијата на коронавирусот. Хотелот прифаќа резервации за јуни и понатаму, но ќе остане затворен додека не бидат укинати ограничувањата за патувања и неесенцијалните бизниси.
За да се постигне возвишената цел да се изгради луксузен хотел покрај бесценети артефакти, семејството Асфуроглу соработуваше со општината на Антакија, музејот „Хатај аркеолоџи“ и Адана – Совет за заштита на култура и природни богатства, за спроведување на најголемото археолошко истражување во Турција, уште од 1930-тите па наваму. Екипа од 200 члена, вклучувајќи и 35 археолози и пет реставратори, работеше 18 месеци за да ги заврши ископувањето и реставрацијата, пренесува „Архитекчрал дајџест“.

Работата на тимот даде суперлативни наоди, вклучувајќи го и најголемиот поден мозаик во светот (повеќе од 11.000 квадратни метри) и првата целосна мермерна статуа на грчкиот бог Ерос. Истражувачите откопале 35.000 артефакти што претставуваат 13 цивилизации, кои датираат од третиот век пр. н.е. Набројувајќи ги скапоцените артефакти, само послужиле да се истакне централната дилема на проектот: како да се изгради луксузен хотел врз овие кревки урнатини?
Наградениот турски архитект Емре Аролат го осмисли победничкото решение, одлучувајќи се да го постави целокупното здание на хотелот на челични столбови што лежат над она што е сега во државна сопственост и управувано од археолошкиот музеј „Некми Асфуроглу“. Проектот вклучуваше 66 столба и приближно 20.000 тони структурен челик со рачно заварување, четирикратно количество што се користело за Ајфеловата кула, според исказите на Си-ен-ен.

Како што зградата беше обликувана според своето античко потекло, трошоците за изградбата се намалија за повеќе од четири пати од нивната првична процена, во висина од околу 120 милиони американски долари. Сè на сè, повеќе од шест милиони часа труд влегоа во креирањето на хотелот и музејот.
– Архитектите стратегиски ги поставиле челичните столбови на зградата во области на локацијата што не би ги нарушиле урнатините. Аролат и неговите соработници исто така искористија модуларна конструкција за да ги минимизираат потенцијалните влијанија во градежништвото, вметнувајќи монтажни простории за гости, како лего-коцки. Дури и поголеми јавни места како лоби, бар и ресторан беа изградени надвор од локацијата и беа вметнати на овој начин – пренесува „Архитекчрал дајџест“.

Пишувајќи за „Конде наст травелер“, Лорел Муншоуер детализира неколку од археолошките обележја на хотелот, вклучувајќи и мозаик од вториот век од н.е., римски бањи од петтиот век и мозаик од петтиот век, на кој се претставени пауни, чапји, јастреби и фазани, кои се собираат низ Мегалопсихија, физичко олицетворение на величественоста.
Конечниот производ на семејството Асфуроглу им дава на гостите поглед од птичја перспектива кон целосно ископаните урнатини, стари 2.300 години, како и поглед кон блискиот „Сен Пјер“, црква импресивно изградена во пештерата, која претставува едно од најстарите места каде што се појавило христијанството.

Иако хотелот со својата уникатна комбинација на историја и луксуз се отвори во несомнено „тешко и невидено време“, портпаролот на музејот за Си-ен-ен вели дека хотелот ги одржувал врските со сите гости, пренесувајќи информации и преземајќи ги сите неопходни чекори и мерки во подготовка за иднината.