Македонската радио-телевизија почнува со емитување четири нови телевизиски канали, и тоа: МТВ 2 – МТВ 5 – специјализиран канал за детска програма, МТВ 3 – канал за спорт и за забава, МТВ 4 – канал за другите етнички заедници и документарна програма, и МТВ 2 – дваесет и четиричасовен канал на албански јазик.
– Отворањето на новите телевизиски канали е реализација на најстратегиската определба во програмата за работа на овој тим што раководи со МРТ. Со пуштање во етер на новите канали, очекуваме нашите гледачи да добијат можност за следење поголем број разни содржини што опфаќаат повеќе целни групи. Во овој период можеби најзначајно е отворањето на детскиот канал, каде што ќе понудиме повеќе образовна и едукативна програма за учениците. Исто така, со зголемување на обемот на програмата на албански јазик, како и каналот за другите етнички заедници, ќе се отвори можност што поголем број програми да се емитуваат на јазиците на нашите верни гледачи – се вели во соопштението од МРТ.

На најмладата публика ќе ѝ бидат понудени едукативни и забавни телевизиски содржини, како што се едукативните емисии „Бушава азбука“, „Дора“, „Дајте музика“, „Си било еднаш“, „Пет +“, „Светот на Биби“ и многу други. Современиот пристап во изборот на содржините што едуцираат, информираат и забавуваат, како и понудата на сите жанрови програма за деца, е гаранција дека детскиот канал МРТ 5, ќе има голем број телевизиски консументи од целната група на која ѝ е наменет. Новите телевизиски канали ќе бидат бесплатно достапни за сите граѓани во Македонија, и тоа преку терестријалната мрежа, како и преку платформите на сите оператори на програми.
Гледачите што ги следат програмите на Македонската радио-телевизија преку кабелските оператори А1 и „Телекабел“ ќе може да ги гледаат новите канали кога ќе ги прескенираат своите ТВ-приемници или сет-топ бокс-уредите. Корисниците на „Македонски телеком“ без интервенција ќе ја добијат можноста да ги следат детскиот канал МРТ 5 и спортско-забавниот канал МРТ 3 во СД-резолуција на каналите 6 и на 8, а во ХД-резолуција на каналите 711 и 712. За редоследот на другите два телевизиски канала јавноста ќе биде известена дополнително.

Гледачите што ги следат програмите на Македонската радио-телевизија преку ДВД-T мрежата на ЈП МРД (односно го примаат сигналот со антена), за да ги гледаат новите канали на МРТ треба да ги прескенираат програмите на своите ТВ-приемници или на сет-топ бокс-уредите. Прв канал што почна да емитува програма е МТВ 5, а втор МТВ 3. Другите два канала ќе почнат со работа на 16 април, поради јубилејот што на овој ден го обележува програмата на албански јазик. М.Т.