Абел Ферара е човекот што нѐ навикна дека од него може да очекуваме сешто. Во текот на 40-годишната кариера, снимаше од гангстерски саги до црно-бели вампирски филмови и биографии. Но ништо не може да ве подготви за неговиот најнов филм, „Сибир“. Филмот беше претставен на Берлиналето, а во него игра Вилијам Дефо.

Филмот може да се опише како смеса од автобиографска исповед и филозофски „роуд муви“. Ни овој пат кај Ферара нема мали теми, тој пука високо – на вистината, верата, разумот, смислата на животот.

„Сибир“ е екранизирана верзија на литературата за самопомош, но филмот има и солидна доза самоиронија. Јунакот на филмот Клинт (Дефо) е човек што по бурниот живот се повлекува на ледениот север, каде што држи зафрлена и изолирана крчма. Во една од првите бизарни сцени, доаѓаат две Русинки, баба и преубава трудна внука со која јунакот води љубов…

Абел Ферара е еден од дефинитивно најособените и најпровокативни американски независни автори, кој одамна има култен статус.