Додатоци во исхраната – да или не

За време на сезоната на грип (а годинава и поради коронавирусот) се препорачува да се консумира дополнителна доза витамини и минерали.
– Колку и да се трудиме и да одбереме добро овошје и зеленчук, никогаш не можеме да бидеме сигурни што ни продаваат маркетите, пазарите, продавниците за свежа храна. Поради промените во одгледувањето на овошјето и зеленчукот и глобалното затоплување, количеството на витамини во самите овошја е намалено, што не значи дека не се консумираат во оној состав како порано. Сепак, тоа е форма во која витамините најдобро се апсорбираат, без разлика колку може да има – велат медицинските лица.
Кога има овошје и зеленчук, треба да се јадат свежи, а во други периоди и во одредени услови, како што се бременост и болести, потребно е дополнително да внесуваме витамини и минерали преку додатоци. Oдредени минерали и витамини сѐ потешко се добиваат природно, па поголемиот дел од светската популација бара поголеми дози. Тука се вбројуваат цинк, калциум, магнезиум, омега 3 масни киселини, витамини Б, Ц, А, Е и Д, така што овие витамини и минерали можете да ги земате дополнително кога е сезона на грип, но нема потреба да се претерува во количеството. Претходно е потребна консултација со матичен лекар за дозата.