Славеничкиот концерт на култната српска рок-група „Електрични оргазам“, што требаше да се одржи на 26 март во МКЦ, поради пандемијата на коронавирусот е презакажан за 24 јуни. Свирката ќе биде на отворено, на стадионот на АРМ во Скопје, еден ден пред фестивалот „Скопје гори“ на кој ќе настапат легендарните „Плацебо“.

– Се надеваме дека на 24 јуни ќе игра рокенрол цела Македонија. „Електрични оргазам“ ќе настапат на голема бина, со уште поголема продукција, со роденденски репертоар, кој ги опфаќа сите песни што ја одбележаа кариерата на оваа група, чија кариера трае веќе 40 години – велат од продукцијата „Авалон“.
Информираат дека веќе набавените влезници ќе важат и за концертот на 24 јуни.