За младите, надежни гејмери, светот на видеоигрите е шанса за стекнување на милионски заработки. Доказ за ваквите тврдења претставува примерот на Кајл Гирсдорф (16), познат по неговото гејмерско име Буга. Тинејџерот од Пенсилванија, САД, минатиот месец се стекна со 30 милиони долари откако победи на Светскиот куп во играње „Фортнајт“. Оваа награда е највисоката индивидуална премија во е-спортот, пренесува Би-би-си.

Но, оваа висока награда наскоро ќе биде засенета од друга, повисока премија. На светското првенство во играта ДОТА 2, кое се одржува од 20 до 25 август во Шангај, се претпоставува дека главната награда ќе изнесува над 33 милиони долари.

Но, овие пари не се освојуваат лесно. Ануча Џиравонг од Банкок, 20-годишен професионален гејмер, познат по гејмерско име Џабс, заедно со неговиот тим „Фнатик“ е меѓу елитните тимови кои тренираат за Светското првенство.

Џабс тренира од неговата 13-та година. Дури и кога видеоигрите биле само хоби, тој вежбал по седум часа дневно, а 13 часа за време на викендите. Откако игра професионално, неговиот распоред е уште понатрупан.

– Обично појадуваме и околу 10.30 часот имаме тимска средба. Потоа играме три меча против други тимови, проследени со дискутирање на нашите партии околу 22 часот. Потоа до еден часот по полноќ играм неколку меча кои не се рангирани, со цел да ги подобрам моите вештини дополнително – вели Џабс.

Многу од тимовите кои ќе учествуваат на претстојното Светско првенство во ДОТА 2 дневно тренираат од осум до 16 часа. 

Жестоката конкуренција постојано се засилува, со што играчите се под притисок да остварат успех, односно се цел на критики при евентуалните грешки во текот на натпреварувањата.

– Ниеден друг спорт не ги поседува двете крајности. Еден ден можеби сте обичен тинејџер кој се натреварува онлајн, додека наредниот ден веќе можете да бидете подложни на жестоки критики бидејќи некој го посочил вашиот профил – вели Тајлер Езбергер, новинар за е-спорт за американски „И-ес-пи-ен.

Еден од најпознатите стримери, Тајлер Блевинс-Нинџа, кој има над 22 милиони следбеници на Јутуб, заработува повеќе од 500.000 долари месечно играјќи ја бесплатната игра „Фортнајт“. Тој започна да заработува милиони со стримање игри на почетокот на 2018 година, а со професионалното играње почна во 2009 година.