Алехандро Аранда (24) беше прогласен за победник на 17-та сезона на популарното телевизиско шоу „Американски идол“, на финалната вечер во неделата. Иако публиката громогласно ја поздрави неговата победа, многумина беа изненадени од неа бидејќи другиот финалист, Лаин Харди (18), често ги воодушевуваше судиите со неговиот избор на песни, пишува „Вашингтон пост“.

Кејти Пери, која е во жирито, за Харди дури кажа дека ако продолжи со напорната работа, за пет години би можел да стане една од најголемите ѕвезди на планетава. Обожавателите имаат бројни теории, меѓу кои се појави мислењето оти една од главните причини поради која Харди не победил, претставува случаен коментар на Пери.

– Некои би кажале дека во минатото „Американскиот идол“ беше еден вид на караоке шоу. Но не повеќе. Кога ќе дојдат луѓе како тебе, тие носат оригинална музика. Ти донесе уметност и ги постави границите на повисоко ниво – му порачала Пери на Харди.

Постои веројатност дека тој не победил токму поради овој „караоке“ коментар на Пери, бидејќи сепак, „Американски идол“ всушност е караоке шоу, какво што гледачите сакаат да гледаат. Една од главните причини поради која обожавателите будно го следат ова е шоу, е затоа што се љубопитни да видат како натпреварувачите ги изведуваат најпознатите хитови, на сопствен, поинаков начин.