Новиот албум на музичкиот бенд „Кабадајас“, со наслов „Од понеделник“, беше промовиран деновиве, во присуство на новинари, музичари, пријатели на членовите од групата. Албумот го издаде концертната агенција и продукција „3 гонга“, а концертната промоција на албумот е закажана за 2 мај, со почеток во 21 часот, во ноќниот клуб „Станица 26“.

„Кабадајас“ претставува трио од музичари со голем професионален багаж зад себе: Џоле Максимовски на бас-гитара, Дино Милосављевиќ на тапани и перкусии и Зоран Костадиновски на гитара. Специјални гости на албумот се вокалистките Марија Димитријевиќ и Светлана Јовановска-Трајкоска и Павле Васиљевиќ на клавијатури.
– Создадовме модерна инструментално вокална музика, џез-амбиент со скопски, а сепак светски шмек. На овој албум композитори сме Зоран и јас, но и Дино, кој ритмички ги облагородува песните. За аранжманите сме задолжени сите. На албумов има две вокални песни. Едната од нив е со текст, песната „Летаме“, која јас ја напишав. Бендот постои од 2011 година. Дино и јас решивме да правиме наш проект. Во исто време соработувавме со Горан Бојчевски. Со него веднаш излегоа убави теми и идеи. Зоран Костадиновски, кого го знаевме како малку помлад гитарист тогаш, влета во приказната како да сме свиреле отсекогаш заедно. Сите функционираме како композитори и аранжери во музиката што ја создаваме – рече Максимовски.

„Од понеделник“ е нивен втор албум. Првиот албум се вика „IV“, а издаден е во 2012 година од „БАГИ комуникации“. Новиот албум е снимен во „Тра ла ла“ кај Мите Димовски, „Вода Медиа“ – Павле Васиљевиќ и „Алшар студио“ – Ивица Јанкуловски.
– Едвај чекаме да свириме на 2 мај во „Станица 26“, како промо за нашето второ издание. Очекуваме убава атмосфера, добар звук, фино расположение. Гости на концертот ќе бидат: Марија Димитријевиќ – вокал, Светлана Јовановска Трајкоска – вокал, Ратко Даутовски – перкусии и Трајче Велков на труба. Дино и јас свириме заедно од 1995 година. Во „Сет“, „Мозаик“, „Беневентан трио“, „Алшар“. Со „Влатко Стефановски трио“ веќе 18 години патуваме по светот и снимаме албуми. Заедно со триото имаме настапувано со имиња како Стефан Миленковиќ, Теодосиј Спасов, Јан Акерман… Дино свиреше со „Анастасија“, Кирил Џајковски и со многу други артисти од поп, рок-светот. Јас долго време свирев со „Архангел“, „Гаро и Парамециум“, „Мугер Фугер“. Моментално сум дел од „Темпера“, како басист и композитор. Зоран Костадиновски е професор на музичка академија. Инаку, работи активно на сите проекти на оркестарот на Здружението на џез-музичари. Го знаеме како гитарист на нашата поп-дива Каролина Гочева. Активен е и како студиски музичар. Така што искуството што го имаме зад себе ни даде ветар во грбот за конечно да направиме и наш заеднички проект – вели Максимовски.