Дизајнерката Росица Мршиќ ја претстави најновата колекција, наречена „Силија“, во центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“, во организација на „Моден викенд – Скопје“. Модните креации, кои се инспирирани од портретите на Силија Биртвел, насликани од познатиот англиски уметник Дејвид Хокни, беа прикажани на несекојдневен начин, со моден перформанс во неколку простории. Новите модни парчиња за сезоната пролет-лето се нетипични за досегашната работа на Мршиќ, спакувани во шик-колекција со лелеави силуети.

– Парчињата што ги создавам ги портретирам како парчиња што се за секој ден, за секоја пригода, но секогаш интригантни и возбудливи. Силни бои, цветни стилизирани принтови, црна и мека бела боја, артистични текстури на материјал, кроеви сложено изработени, ја прават „Силија“ карактерно романтична, авангардна и ласцивна – рече Мршиќ. Дизајнерката на накит Марта Поп Антоска, инспирирана од креациите на Росица Мршиќ, изработи лимитирана серија на накит од стакло, специјално за колекцијата „Силија“. Чевлите што ги носеа моделите се од бутикот „ВИА“. За шминката на моделите се погрижи „Радиант“, во соработка со мејкап-артистката Јована Коциќ, а за фризурите „Лакме“, во соработка со „Студио Лили“. Модното шоу на Мршиќ го поддржаа „Јавна соба“, „Пакомак“, „Лукс“ и винарницата „ Камник“.