Домородна лидерка од еквадорскиот дел на Амазонија е меѓу годинашните добитници на престижната награда „Голдман“ или попознат како „Зелениот Нобел“. Со оваа награда им се оддава признание на неуморните борци за заштита на животната средина, објавува „Ројтерс“.

Немонте Ненкимо ја доби наградата откако успеа да заштити 202.000 хектари дождовни шуми од плановите за вадење нафта. Таа и останатите членови на домородната група Ваорани ја тужеа еквадорската влада за плановите да ја стави нивната територија на продажба, и оваа судска победа од 2019 година претставува правен преседан за правата на домородците.

– Ваорани се луѓе кои отсекогаш биле заштитници. Тие илјадници години ги бранат своите територија и култура – изјави Ненкимо.

Кога во 2012 еквадорската влада објави дека ќе стави на аукција 16 нови концесии за вадење нафта, Ненкимо ја покрена дигиталната кампања „Нашата дождовна шума не е за продавање“, која собра 400.000 потписи ширум светот. Таа исто така покрена судска тужба против еквадорската влада, тврдејќи дека не добила согласност од домородната група Ваорани за продажба на земјиштето. Во април минатата година судиите пресудија во полза на Ваорани, со што со оваа историска одлука, не само што беа заштитени 202.000 хектари дождовни шуми, туку таа значи и оти владата во иднина ќе мора да добие одобрение пред да го стави земјиштето на аукција.

Групата Ваорани брои околу 5.000 припадници, а американските мисионери првпат стапиле во контакт со неа во 1958 година. Другите добитници на наградата „Голдман“ се од Гана, Франција, Бахамите, Мексико и од Мјанмар.